Yıldız Nevin Gündoğmuş
30 Август 2020•Ажурирај: 30 Август 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, по повод Денот на победата и Денот на Турските вооружени сили заедно со државниот врв го посети Аниткабир, мавзолејот на основачот на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк, во Анкара, јавува Агенција Анадолија (АА).
Како дел од одбележувањето на 98-годишнината од Големата победа, првата свеченост се одржа во Аниткабир.
Дел од делегацијата на претседателот Ердоган беа претседателот на Парламентот Мустафа Шентоп, потпретседателот Фуат Октај, претседателот на Републиканската народна партија (ЏХП) Кемал Киличдароглу, членовите на претседателскиот Кабинет, претседателот на Партија за национално движење (МХП), Девлет Бахчели, претседателката на партијата ИЈИ, Мерал Акшенер, претставници на политички партии и други државни службеници.
Претседателот Ердоган во мавзолејот на Ататурк положи венец со мотиви на турското знаме. По едноминутно молчење беше интонирана химната на Република Турција.
Ердоган по повод Денот на победата во спомен-книгата во Аниткабир напиша:
„На 98-годишнината од Големата победа уште еднаш ги споменуваме загинатите (шехидите). Решени сме во 2023 година, кога ќе ја прославиме 100-годишнината од нашата Република, да влеземе како посилна земја на економски, воен, политички и дипломатски план.“
Претседателот Ердоган исто така додаде:
„Клучните достигнувања што ги постигнавме на различни полиња од Сирија до Либија, од Црното Море до Источниот Медитеран, од енергетиката до борбата против тероризмот, се најдобрите показатели за нашата волја да ги заштитиме правата и интересите на нашата земја. Турција особено во Источниот Медитеран нема да потклекне на заканите, заплашувањата и уцените и понатаму ќе ги брани правата што произлегуваат од меѓународното право и билатералните договори. Нека ви е благословена душата.“
Граѓаните го поздравија Ердоган за време на неговото пристигнување и заминување од Аниткабир.
По државната свеченост, Аниткабир беше отворен за посетителите.