АНКАРА (АА) - Минатонеделното пронаоѓање на резерви на природен гас во Црното Море е увертира за добрите вести што претстојат од Медитеранот, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Постојат значајни докази дека откривањето на природниот гас наговестува пронаоѓање на многу поголеми резерви на гас, и се надеваме дека добрите вести ќе продолжат“, рече Ердоган по состанокот на Кабинетот во Претседателскиот комплекс.
- Грчкото Навтекс предупредување расипнички чин -
Турскиот претседател го нарече денешното Навтекс предупредување на Грција расипнички чин што ја загрозува крајбрежната и навигациската безбедност на сите бродови во регионот.
Навтексот на Атина гласеше дека воздушните и поморските сили ќе одржат заеднички воени вежби во подрачјето кое се поклопува со она што Турција го објави вчера.
„Отсега натаму Грција ќе биде одговорна за сите конфликти во регионот, и ќе биде во неповолна положба“, додаде Ердоган.
„Турскиот брод „Оруч Реис“ и бродовите што го придружуваат нема да се повлечат од нивните активности во регионот“, потенцира тој.
Турција вчера издаде Навтекс (навигациско предупредување), најавувајќи четиридневно продолжување на истражувањето на енергетски ресурси на бродот „Орус Реис“.
Навтекс (Navtex) е систем за поморски комуникации кој им овозможува на бродовите да ги известат другите бродови за нивното присуство во одредена област, како и за други информации.
Турција продолжи со истражувањето на енергетските ресурси во Источниот Медитеран на почетокот на месецот откако Грција и Египет потпишаа спорен договор за поморско разграничување.
Грција и други земји се обидоа да ја ограничат поморската територија на Турција и нејзините права за истражување на енергетските ресурси и покрај фактот што ниедна земја нема подолго крајбрежје на Медитеранот од Турција.
- Борбата на Турција против тероризмот -
„Менталитет кој ги поддржува терористичките организации, наместо да ги поддржува демократските земји, влезе во американската политика“, рече Ердоган во врска со борбата на Турција против терористите на ЈПГ/ПКК.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на речиси 40.000 луѓе, меѓу кои жени и деца. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.
И покрај статусот на ЈПГ како терористички огранок, САД го поддржуваа како наводен сојузник во борбата против ДЕАШ во северна Сирија.
„Менталитетот што гледа на друг начин кога нашата земја е напаѓана од терористите и се надева дека ќе види резултати кога се соочуваме со државен удар е дамка на називот демократија“, рече Ердоган, осврнувајќи се на неодамнешните контроверзни изјави на претседателскиот кандидат на Демократската партија во САД, Џо Бајден.
Во видеосминката што се рашири на интернет Бајден вели: „Ние можеме да ги поддржиме оние елементи од турското раководство кои сè уште постојат, да извлечеме повеќе од нив и да ги охрабриме да му се спротивстават и да го поразат Ердоган. Не со државен удар, не со пуч, туку преку изборен процес“.
news_share_descriptionsubscription_contact


