Diyar Güldoğan
30 Април 2019•Ажурирај: 01 Мај 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека програмата за американските воени авиони F-35 ќе биде осудена на пропаст доколку придонесот на Турција биде исклучен, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турција не прифати и нема да прифати какви било наметнувања во областа на одбраната, како и во областа на политиката, дипломатијата и економијата“, изјави Реџеп Таип Ердоган на 14. Меѓународен саем за одбранбена индустрија (IDEF'19) во Истанбул.
Тој ги осуди обидите за наметнување во врска со F-35, осврнувајќи се на заканите на Соединетите Американски Држави (САД) дека ќе ја откажат продажбата на F-35 за Турција поради купувањето на ракетниот одбранбен систем S-400 од Русија.
„Мислиме дека оние кои се обидуваат да нѐ исклучат од оваа програма во која сме партнери на проектот и производството, не можат да видат што ќе се случи по крајот на ова.“
„Јасно велам дека проектот F-35 е осуден на целосна пропаст, доколку Турција биде исклучена од него“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател истакна дека Турција во текот на целата своја историја била лојална на законите на сите сојузништва од кои била дел.
„Во текот на целата наша историја, во секое сојузништво во кое сме учествувале, сме останале лојални на законите на тоа сојузништво и секогаш сме биле земја која го исполнувала својот дел од обврските. На пример, кога ја почувствувавме потребата од ракетен систем за воздушна самоодбрана по притисоците врз нашите граници, прво место на кое се обративме беа нашите сојузници. Но за жал, нашите барања на тоа поле, или целосно останаа без одговор или пред нас беа поставени предуслови кои целиот процес го насочија како возење по угорница“, истакна Ердоган.
Тензиите меѓу САД и Турција се влошија во текот на изминатите месеци кога Турција започна да го добива напредниот ракетен систем S-400 од Русија, за кој Вашингтон вели дека ќе ја загрози улогата на Турција во Програмата за воените авиони F-35, и би можело да предизвика санкции од страна на Конгресот.
- Зависноста од надворешната одбранбена индустрија опаѓа -
Турскиот претседател Ердоган, исто така, рече дека Турција ја намалила зависноста од надворешната одбранбена индустрија од 80 на 30 отсто и дека сега извезува производи од полето на одбраната.
Тој додаде дека земјата, исто така прави напредок и во однос на беспилотните летала низ светот.
„Оние кои изнаоѓаа илјадници причини за да не ни продаваат бомби за нашите авиони, сега не можат да ја сокријат својата изненаденост пред моќта и економичноста на бомбите што ги произведуваме“, истакна Ердоган.