ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција до неодамна била под постојани прикриени санкции, блокади и закани, додека сега е држава со која сите сакаат да соработуваат, јавува Агенција Анадолија (AA).
Ердоган преку видеоконференција зеде учество на свеченото отворање на новоизградената обиколница во Амасија, која значително ќе го растовари сообраќајниот метеж во северниот турски град.
Истакнувајќи дека целиот свет е преокупиран со здравствените проблеми во екот на пандемијата на Ковид-19, Ердоган рече дека Турција на своите граѓани и пошироко обезбедува здравствени услуги на највисоко ниво, и дека и денешното отворање на изградениот пат е показател дека Турција и во овој период со крупни чекори го продолжува својот пат кон прогресот.
„Ги браниме правата и интересите на нашиот народ и држава, и пријателите во и надвор од нашите граници, на копно, во вода, во воздух и насекаде. Без двоумење одевме и покажавме одлучност и сила каде и да се појавеше некоја закана за нашата земја, и тоа од Ирак и Сирија до Либија и Егејското Море. Ги надминавме и сите економски лукавства што ни беа подметнувани и му покажавме на народот дека сме покрај него“, рече Ердоган.
Нагласувајќи дека Турција уште еднаш ги разочарала оние кругови кои очекувале да потклекне пред заканите и нападите, Ердоган порача дека Турција има можност во новиот светски, политички и економски поредок по пандемијата да заземе значително поважна позиција.
Ердоган, исто така, рече дека некои држави во изминативе денови креваат прекумерна врева под плаштот на незадоволството од суверените одлуки на турските власти за статусот на „Аја Софија“ и ресурсите во Егејското Море.
„Ние знаеме дека не станува збор ниту за „Аја Софија“, ниту за Егејското Море, туку дека ним всушност им смета присуството на турскиот народ и муслиманите на ова подрачје. Таа реалност полека сите почнаа да ја сфаќаат и полека ја смируваат и ја прилагодуваат својата реторика“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека Турција до завидната положба и прогрес на сите полиња нема дојдено туку така, Ердоган рече дека тоа го можат само земјите со политичка стабилност и економска и воена сила.
Тој додаде дека визиите за развој на Турција веќе даваат плодови, и дека гласните противници на напредокот на Турција не преземаат ништо конкретно бидејќи се свесни за силата што ја има Турција на сите полиња.
„Секако за сите успеси плативме висока цена, но нашиот народ никогаш ниту во историјата не се двоумел да плати цена за остварување на сопствените цели. Нема сила на Земјата што може да застане на патот на еден народ кој во борба трча со мислата дека ќе биде шехид ако загине или ветеран ако победи. Тоа веќе го покажавме во сите пресудни моменти, вклучително и борбата против тероризмот, 15 јули и воените операции надвор од нашите граници“, порача Ердоган.
Упатувајќи предупредување кон државите кои против Турција упатуваат зборови кои не се соодветни за здравиот разум, дипломатијата и солидарноста, Ердоган ги повика тие земји да ја земат предвид потребната жртва и да излезат на мегдан или да ги отворат каналите за преговори.
„Турција нема аспирации кон туѓи права, територии, мориња и природни ресурси. Меѓутоа, нема никому да дозволи ниту да пружи рака кон нашите права, територија и интереси“, порача Ердоган и додаде дека Турција не се согласува на наметнување никакви решенија, туку дека е подготвена да ги разгледа и да разговара за сите конструктивни, праведни, разумни и морални предлози.
news_share_descriptionsubscription_contact
