Sinan Uslu
03 Октомври 2017•Ажурирај: 04 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, утре ќе патува во официјална посета на Иран, а главна тема на разговорот ќе биде унапредување на билатералната и регионална соработка меѓу официјална Анкара и Техеран, јавува Anadolu Agency (AA).
Од претседателскиот кабинет на Ердоган, соопштено е дека тој патува во Иран на покана на иранскиот колега Хасан Рухани и оти станува збор за важна билатерална посета, која е возвратна, откако во април минатата година Рухани ја посети Анкара.
Во соопштението се наведува дека Ердоган во Техеран ќе се состане со иранскиот верски лидер, ајатолахот Али Хамнеј и со иранскиот претседател Рухани.
Паралелно со тоа, Ердоган и Рухани ќе претседаваат и со четвртото заседание на Турско-иранскиот совет за билатерална соработка.
Се очекува лидерите на Турција и на Иран да разговараат за сите сегменти од билатералните односи, како и за важни регионални теми, со акцент на кризата во Ирак и во Сирија.
Од кабинетот на Ердоган е соопштено дека целта на посетата на Техеран е унапредување на политичкиот дијалог и соработката со Иран, кој со Турција одржува историски и културни врски.