Zehra Nur Düz
26 Октомври 2019•Ажурирај: 28 Октомври 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека од светот очекува да ја почитува загриженоста на Турција во однос на безбедноста на нејзините граници, како и да ги поддржи нејзините проекти за враќање на сириските бегалци, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на средбата со претставници од фудбалската фела во Истанбул, Ердоган повторно го нагласи рокот што истекува оваа недела за повлекување на терористите на ЈПГ/ПКК од северна Сирија.
„Доколку регионот на северна Сирија не биде расчистен од терористите за 150 часа, Турција ќе го расчисти самостојно“, рече Ердоган.
Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите од северна Сирија, со цел обезбедување на турската граница и безбедно враќање на сириските бегалци, како и осигурување на сирискиот територијален интегритет.
Турција и Русија на 22 октомври постигнаа договор според кој терористичката организација ЈПГ/ПКК почнувајќи од 12:00 часот на 23 октомври има период од 150 часа да се повлече 32 километри од границата со Турција. Периодот на повлекување завршува на 29 октомври во 18:00 часот.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.