Ferdi Türkten
22 Јуни 2021•Ажурирај: 23 Јуни 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција оваа година сака да достигне вкупен извоз од 200 милијарди долари и така да продолжи да поставува рекорди, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган во видеопорака до учесниците на Катарскиот економски форум истакна дека глобалната економија веќе година и пол се соочува со тешки последици од пандемијата на Ковид-19, што се смета за најтешка здравствена криза која и понатаму трае.
„Доволно е да се погледнат статистиките за минатата година и да се видат размерите на таа криза. Светската економија во 2020 година падна за 3,5 отсто, глобалната трговија е намалена за речиси 10 отсто, директните меѓународни инвестиции се намалени за 42 отсто, а под границата на сиромаштијата паднаа повеќе од 90 милиони луѓе, додека цените на храната достигнуваа рекордни износи“, изјави Ердоган.
Ердоган изјави дека може да се каже дека глобалниот систем во екот на пандемијата ги препуштил неразвиените земји и земјите во развој на сопствената судбина, а дека таквата несолидарност и негрижа е покажана и на планот за дистрибуција на вакцините.
„Соочени сме со ужасна глетка на речиси сто држави во светот кои сè уште не ја набавиле ни првата доза на вакцината. Анализите предвидуваат дека 85 сиромашни земји ниту до 2023 година нема да бидат во можност да набават вакцини. Пандемијата уште еднаш нè потсети дека човештвото е едно големо семејство, но штета, бидејќи тоа не е искористено како можност за промоција на глобалната солидарност“, изјави Ердоган.
Предупредувајќи дека нема да дојде до економско закрепнување во светот сè додека лековите и вакцините не бидат еднакво достапни на сите, Ердоган изјави дека Турција и во овој тежок период не бегала од својата одговорност и дека ја доставила потребната помош во медицинска опрема до 158 држави и 12 меѓународни организации.
„Од сите платформи предупредуваме дека вакцините не смеат да станат предмет на нови неправди во светот. Со таква визија работиме и на развојот на нашата домашна вакцина против Ковид-19, што би требало да биде подготвена за употреба до крајот на годината. Вакцината што Турција ја развива ќе биде вакцина и на турскиот народ и на целото човештво“, изјави Ердоган.
Тој понатаму истакна дека е потребно да се укаже и на вирусот на расизмот што повторно стана глобална појава, токму како што се и ксенофобијата и исламофобијата. Изјави дека сите тие појави на Западот додатно се разгорени во екот на пандемијата на Ковид-19.
Во продолжение на пораката Ердоган рече дека токму сега е јасно дека по пандемијата светот ќе претрпи големи промени во економска, општествена и политичка смисла, а дека Турција спроведува јасна долгорочна визија со која е подготвена да го заземе местото што ѝ припаѓа на светската сцена.
Тој истакна и дека во екот на пандемијата за државите и економиите постоеле одредени прилики. Тој додаде дека Турција 2020 година ја завршила со економски раст од 1,8 отсто и дека тоа било втор најголем раст меѓу земјите од групата Г-20.
„Економскиот раст на Турција од седум отсто во првиот квартал на 2021 година ги зголеми очекувањата и за остатокот од годината. Со 5,7 оваа и 3,4 отсто раст во 2022 година, Организацијата за економска соработка предвидува едно од најсилните закрепнувања за економијата на Турција. Уверен сум дека ќе ги надминеме и тие бројки“, истакна Ердоган.
Нагласи дека во текот на изминатите неколку дена им станало јасно на сите колку Турција правилно ги правела потезите и заземала ставови кога се во прашање случувањата во Сирија, Либија и Источен Медитеран.
„Турција со преземањето одговорност застана на патот на тероризмот во регионот, ја одбрани демократијата и отвори пат за дијалог и помирување“, порача Ердоган.
Тој ги поздрави и одлуките на Советот за соработка на заливските земји со кои е завршена блокадата и санкциите што заливските соседи ги наметнуваа на Катар.