Aylin Dal
28 Јуни 2021•Ажурирај: 29 Јуни 2021
АНКАРА (АА) - Денес со свечена церемонија во кампусот „Голбаси“ е успешно ставен во функција турскиот комуникациски сателит „Турксат 5А“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Новиот турски сателит „Турксат 5А“ е успешно лансиран во јануари 2021 година.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во обраќањето најави и лансирање на новиот турски сателит „Турксат 6А“ веќе наредната година.
„Го произведовме и нашиот сателит „Турксат 6А“, планираме лансирање на овој сателит, кој е во фаза на тестирање, веќе наредната година“, изјави Ердоган, додавајќи дека со лансирањето на сателитот 6А, Турција наредната година влегува меѓу десетте земји што можат да произведат комуникациски сателит.
Тој исто така најави пуштање во функција и на сателитот „Турксат 5Б“.
„Продолжуваат тестирањата на нашиот сателит „Турксат 5Б“, чии фази на проектирање и производство се веќе успешно завршени. Целта ни е да го испратиме овој сателит во вселената во последниот квартал на годината. Неговиот капацитет на носивост ќе биде поголем од сите сателити досега. Кога „Турксат 5Б“ ќе биде пуштен во функција, нашиот капацитет на комуникација на податоци ќе се зголеми 15 пати“, изјави турскиот претседател, напоменувајќи дека Турција во претходниот период остварила голем напредок во областа на сателитските истражувања.
- Стратешки потфат -
„Наскоро ќе го објавиме нашиот стратешки потфат што ќе ги поддржи иновациите засновани на податоците и додатно ќе ги развиеме нашите национални можности за производство на технологијата. Водени од свеста дека главните закани ќе доаѓаат и од киберпросторот, ќе развиеме силен механизам на киберодбрана“, изјави Ердоган.
Тој нагласи дека Турција со овие потфати и достигнувања силно оди во чекор со дигиталната ера.
- Новиот турски сателит „Турксат 5А“ -
Новиот турски сателит „Турксат 5А“ успешно е лансиран во јануари 2021 година од американската база „Кејп Канаверал“ на Флорида. Лансирањето на петтата генерација на турскиот сателит „Турксат 5А“ е извршено со помош на ракетата „Фалкон 9“ на „Спејс икс“.
Станува збор за комуникациски сателит, а лансирањето е извршено успешно и без поголеми проблеми.
Турскиот сателит 5А би требало да пружа телевизиски услуги Ку-банд за подрачјата на Турција, Блискиот Исток, Европа и Африка.
Властите на Турција пред три години потпишаа договор со компанијата „Ербас“ (Airbus) за производство на сателитите на Турксат 5А и 5Б. Турција работи и на производство на сателитот „Турксат 6А“, производ на домашната индустрија.
Турција е една од 30-те држави што имаат сателити во вселената, а моментално има четири сателити.