ИЗМИР (AA)
- Јусуф ШАХБАЗ
Се очекува туристичката сезона оваа година да биде успешна во местото Алачати, водечко место во Турција за сурфање на морските бранови, што се истакнува и со својата автентична архитектура на куќите од камен.
Познато како село на пешадијата и коњицата од османлискиот период, Алачати сега е популарно во туризмот. Историските куќи од камен и калдрмата се симбол на Алачати. Црвената, виолетовата и белата бугенвилија (Bougainvillea) висат на камените згради, формирајќи колоритна прекривка на куќите во Алачати.
Поголемиот дел од камените куќи во Алачати служат како хотели. Сè уште на улиците во Алачати има над 600 бутик-хотели (хотели со мал број соби, но поголем комфор и услуги од хотелите со 5 ѕвезди).

Местото Алачати, кое го привлече вниманието на туристите во време на пандемијата на Ковид-19 со своите тивки и мали хотели, во исто време е важен центар за сурфање - индивидуален спорт на вода.
Алачати со околу 300 ветровити денови во годината, го привлекува вниманието на турските и странските сурфери.
Џелал Бајрактароглу, претседател на Асоцијацијата за туризам на Алачати, за Агенцијата Анадолу (АА) изјави дека Алачати не било многу засегнато од изменетите преференции за одмор поради епидемијата, како што тоа било случај со другите туристички дестинации.
Зборувајќи дека е зголемена побарувачката за летниковци и мали хотели, Бајрактароглу истакна дека Алачати има среќа во овој поглед.

Потенцирајќи дека на луѓето им недостасува одењето на одмор, Бајрактароглу го рече следното: „Мислам дека оваа сезона ќе ја поминеме подобро од минатата. Причина за тоа е вакцинирањето и свеста кај луѓето. Предвидуваме дека странските туристи, особено домашните, ќе почнат да доаѓаат од втората половина на јули.
Соработуваме со Министерството за култура и туризам на Турција и со локалните општини за промоција на регионот. Бројот на заразени на овие простори е исто така многу мал. Тоа е нашата предност. Доколку го промовираме тоа, ќе привлечеме поголем број туристи. Се разбира, здравјето на луѓето е многу важно. Имајќи го предвид здравјето на луѓето во регионот, нè чека добра сезона со зголемувањето на превентивните мерки и вакцинацијата.“
Бајрактароглу изјави дека полуостровот Чешме е познат по ветерот и додаде дека посетителите имаат можност да го доживеат висорамнинскиот воздух крај морето.
Зборувајќи дека летните ноќи се свежи и пријатни, Бајрактароглу рече: „Ова е голема предност во споредба со одморалиштата во кои времето е топло. Со доаѓањето на ветерот, пристигнуваат туристите“, рече тој.

И според Кемал Кајнашоглу, менаџер на хотелот „Емрен Хан“ и на „Мансиони“ во тоа подрачје, оваа година се очекува подолга сезона во споредба со 2020 година.
Посочувајќи дека хигиенските стандарди сè уште се применуваат во хотелите-бутици, Кајнашоглу изјави дека ѕвездите на хотелите-бутици ќе продолжат да блескаат и оваа година.
Од друга страна, архитектот Митхат Олџај, изјавувајќи дека поголемиот дел од куќите во Алачати се изградени во периодот меѓу 1850 и 1900 година, продолжи со зборовите:
„Во куќите е користен вулкански камен од регионот. Досега се поправени околу 1.500 куќи. Можеме да кажеме дека куќите во Алачати се камени верзии на куќите во Сафранболу. Во минатото, овие куќи биле користени како простории за живеење. Приземјето од овие куќи, претежно се користело како штала за животни. Има и такви што го складираат грозјето и тутунот, кои се средства за егзистенција во регионот. Зградите се наоѓаат на нулта позиција во однос на улиците. Предниот дел на куќата се наоѓа веднаш до улицата. Кога ќе влезете во неа, од внатрешната страна има градина. Како простории за живеење најчесто се користат горните катови. Ориентацијата на куќите е север-југ. Тоа има две предности. Едната е помалку сонце во летниот период, а другото е дека куќите во лето се под влијание на ветерот Имбат (ветер што дува од морето кон земјата помеѓу пладне и навечер во лето, претежно во Егејскиот Регион). Кога во лето седите во овие куќи, топлината не ве зашеметува. Освен тоа, има бунар на почетокот од секоја улица.“

news_share_descriptionsubscription_contact
