АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска рече дека е решен да разговара со украинскиот и рускиот лидер и да ги здружи за да се стави крај на крвопролевањето, јавува Агенција Анадолија (АА).
По дводневната посета на Узбекистан за зајакнување на билатералните односи, Ердоган одговараше на новинарски прашања на актуелни теми.
Ердоган се осврна на руско-украинската војна, ставот на Турција и напорите за посредување за постигнување траен мир, како и за односите со Израел во областа на енергетиката.
Истакнувајќи дека е одлучен во намерата да разговара со рускиот претседател Владимир Путин и со украинскиот претседател Владимир Зеленски, тој рече дека ќе им каже на своите колеги дека крајната цел на Турција сега е да ги зближи.
„Одлучен сум во намерата да се сретнам со Путин и Зеленски. И на двајцата ќе им кажеме дека нашата цел сега е што побрзо да ги собереме на едно место. Се надевам дека ќе го забележиме датумот на состанокот. Подготвени сме да бидеме домаќини на состанокот на ниво на претседатели. Како Турција, ќе бидеме среќни кога ќе ја завршиме оваа работа со довербата и на г-дин Путин и на г-дин Зеленски“, порача Ердоган.
Ердоган, исто така, ја истакна можната улога на Турција како една од државите гаранти за украинската безбедност, велејќи дека Анкара е отворена да стане земја гарант, додека деталите треба да се разјаснат.
„Турција продолжува да се спротивставува на санкционирањето на Русија, но има приоритет да застане против воените потези на Русија и да го продолжи дијалогот“, додаде Ердоган.
Ердоган беше запрашан како реагира на учеството на Роман Абрамович во руско-украинските преговори во Долмабахче, во Истанбул, на што тој одговори дека додека реагираат на руската воена активност, придаваат важност на продолжувањето на дијалогот.
„Овој дијалог е важен и неопходен не само во контекст на Украина, туку и во многу географски области кои се тесно поврзани со нас, како Сирија, Либија и Јужен Кавказ. Од друга страна, Абрамович учествуваше во преговорите како член на руската делегација. Тоа што Русија и господинот Путин го вклучија Абрамович во својата делегација, тоа значи дека имаат доверба. Ние на тој состанок го поздравивме како и сите други. На сите членови на делегацијата кои учествуваа во овие преговори им посакувам успех. Се надевам дека ќе ги видиме резултатите од овој труд што е можно поскоро“, рече Ердоган.
Запрашан за пораките од Украина дека се откажуваат од членството во НАТО, но дека никогаш нема да се откажат од Европската Унија, Ердоган рече:
„Всушност, не мислам дека Украина премногу ќе инсистира на прашањето за Европската Унија. Затоа што во тој процес земјите членки на Европската Унија, освен некои од нив, не пристапија сериозно на таа работа. Освен тоа, дознав и слушнав за позитивниот став на господинот Путин за влез на Украина во Европската Унија. Секако, конечната ситуација ќе ја дознаеме за време на овие средби. Познато ви е што ни направи нам Европската Унија од 1963 година. Постојано одолговлекуваше и понатаму одолговлекува“, изјави Ердоган.
Тој, исто така, се осврна и на турско-израелската соработка на полето на енергетиката, изразувајќи надеж за извоз на енергенси на Израел преку Турција, и рече дека ќе разговара со израелскиот премиер Нафтали Бенет за преземање итни чекори.