Yıldız Nevin Gündoğmuş
17 Февруари 2021•Ажурирај: 18 Февруари 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција ќе продолжи со одлучната борба сè додека целосно не го искорени проблемот со тероризмот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган говореше на Конгресот на Партијата за правда и развој (АК Партија) во Анкара и по тој повод се осврна на актуелните случувања. Во фокусот на обраќањето на Ердоган беше борбата против тероризмот.
Тој го критикуваше претседателот на опозициската Републиканска народна партија (ЏХП), Кемал Киличдароглу, во контекст на реакциите за неодамнешното убивање на 13-те турски државјани од страна на терористите на ПКК.
„Оние што не можат да ја осудат сепаратистичката терористичка организација за да не им наштетат на своите сојузнички партнери, немаат право да ни говорат за човештвото“, порача Ердоган и додаде:
„Киличдароглу и неговите партнери треба да знаат дека ние сме спремни да ја дадеме и главата, но во никој случај нема да ја наведнеме пред терористите и пред оние што ги поддржуваат.“
Тој нагласи дека Турција ја продолжува одлучната борба против тероризмот.
„Ние ќе продолжиме со нашата одлучна борба сè додека целосно не го искорениме проблемот со тероризмот во оваа земја. Никогаш, и по цена на нашите животи, нема да им ја предадеме оваа рајска земја на предавниците на ФЕТО, ниту на убијците и крволоците на ПКК или ДЕАШ“, рече Ердоган.