Sinan Uslu
22 Декември 2021•Ажурирај: 23 Декември 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека во Турција нема да има предвремени избори, туку дека тие ќе бидат одржани во јуни 2023 година во редовниот термин, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето на Клубот на пратеници на владејачката Партија за правда и развој (АК Партија) во Големото народно собрание на Турција, Ердоган ги искоментира тврдењата од опозициските кругови за можните предвремени избори во земјата.
„Нема предвремени избори во Турција. Ова е правна држава. Изборите ќе се одржат кога се и планирани“, порача Ердоган.
Нагласувајќи дека актуелните економски случувања не се резултат на случувањата во Турција, туку резултат на промените во глобалната економија, Ердоган рече дека новиот економски план обезбедува благосостојба на сите турски граѓани, а не само на оние кои имаат пари во банките и кои извезуваат.
„Програмата што ја најавивме вчера со цел да го доведеме девизниот курс на ниво на реалност во нашата земја во рамките на правилата на слободната пазарна економија, ја постигна својата цел“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека Турција е решена да ги заштити профитите на сите свои граѓани, и покрај притисокот на девизниот курс и инфлацијата.
„Со тоа што ќе се осигураме дека злонамерните шпекуланти ќе ги тргнат рацете од нашата земја, ние се обидуваме да обезбедиме слободниот пазар да работи според сопствените правила“, рече Ердоган.
Тој исто така изјави Турција почнала со исплата на поддршка за земјоделците кои се соочуваат со штетите од сушата, а станува збор за вкупна поддршка во износ од 2,6 милијарди лири.