Andaç Hongur Erpehlivan
15 Октомври 2021•Ажурирај: 16 Октомври 2021
ИСТАНБУЛ - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска во Истанбул изјави дека борбата на Турција во Сирија во периодот што следува ќе продолжи на еден значително поинаков начин, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган, денеска, по петочната молитва во Истанбул, одговараше на прашањата на новинарите, меѓу кои беше запрашан и за можната нова операција на подрачјето на Сирија.
Претседателот Ердоган, изјавувајќи дека терористичката организација ПКК/ЈПГ/ПЈД дејствува не само во северниот дел, туку и низ цела Сирија, додаде дека коалициските сили, предводени од САД, се водечките земји кои ја поддржуваат.
Тој подвлече дека терористичките организации дејствуваат на тоа подрачје како резултат на таа поддршка.
„Ние се бориме против нив. Режимот од нив црпи сила. Оваа борба продолжува на ист начин и против режимот. Се разбира, ние имавме трпение до одредена граница, а неодамна животите ги положија двајца наши полицајци“, рече Ердоган, и додаде:
„Нашата борба против сите тие ќе продолжи во наредниот период на многу поинаков начин. Ќе водиме секаков вид борба против тие терористички организации, против силите зад кои се наоѓа Америка, како и против силите на режимот. Одлучни сме по тоа прашање.“
Ердоган, говорејќи за ситуацијата во Авганистан, истакна: „Има побарувања за оперативност за хуманитарна помош и за функционалност во новиот процес во Авганистан. Во тој контекст ќе му пружиме секаков вид поддршка на авганистанскиот народ.“
На прашањето во врска со енергетската криза со која се соочуваат земјите од Европа и за состојбата во Турција, Ердоган истакна дека во моментов Турција нема таков проблем благодарение на преземените мерки, и додаде дека како земја, ќе продолжат да преземаат сѐ што е потребно и во иднина.“