Турција

Ердоган: „Медиумите се неизоставен елемент на демократијата“

Дирекцијата за комуникации при Кабинетот на турскиот претседател ја пренесе честитката на претседателот на Турција, и пораката по повод 10 Јануари, Денот на активните новинари, турски празник на медиумските работници

Enes Kaplan  | 10.01.2021 - Обновена : 11.01.2021
Ердоган: „Медиумите се неизоставен елемент на демократијата“

АНКАРА

Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, порача дека Турција никогаш нема да се откаже од почитување и заштита на слободата на медиумите, но дека исто така нема да дозволи тој термин да се злоупотребува и како таков да се користи за мрачна кампања против Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).

Дирекцијата за комуникации при Кабинетот на турскиот претседател ја пренесе честитката на Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Република Турција, и пораката по повод 10 Јануари, Денот на активните новинари, турски празник на медиумските работници прогласен на денешен ден во 1961 година.

Истакнувајќи дека медиумите претставуваат неизоставен елемент на демократијата во контекст на остварување на човековите права за пристап до точни информации и вести, Ердоган рече дека важна улога и задача за општеството извршуваат сите совесни новинари и медиумски работници кои се раководат од начелата на демократијата и моралната одговорност.

Турскиот претседател Ердоган рече дека турските медиуми се злоупотребувани во минатото кога доаѓало до прекин на демократијата во оваа земја, но дека во изминатите години се направени крупни исчекори во правец на изградба на слободни, демократски и гласни медиуми.

„Со развојот на технологијата, во нашите животи влегуваат нови медиумски простори и од клучна важност е зачувување на новинарските и моралните начела. Денес информациите вртоглаво брзо се шират и повеќе од кога било е важно точното и чесното новинарство. Затоа во борбата против лажните вести и дезинформациите важна улога и одговорност имаат и новинарите“, порача Ердоган.

Поздравувајќи ги напорите и храброста што новинарите ги покажуваат работејќи и во отежнатите услови на пандемијата, Ердоган на крајот на пораката уште еднаш на сите активни новинари им го честиташе нивниот ден и изрази сочувство до семејствата на оние новинари што ги загубиле животите чесно извршувајќи ја својата должност.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.