АНКАРА
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, порача дека меѓународната заедница мора да се активира за да не се повторат трагедии како холокаустот, Босна, Руанда и Камбоџа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Дирекцијата за комуникации при Кабинетот на турскиот претседател ја објави пораката на Ердоган по повод Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите од холокаустот.
Видеопораката на Ердоган е објавена на посебната веб-страница „weremember.gov.tr“, која е отворена денеска, а која е подготвена од Дирекцијата за комуникации при Кабинетот на турскиот претседател и Министерството за надворешни работи на Турција, со цел потсетување на сите геноциди во светот и оддавање почит на сите жртви на геноцидите.
Веб-страницата е изработена на англиски јазик, со цел зајакнување на свеста и одговорноста на јавноста и меѓународната заедница кога станува збор за зачувување на мирот и соживотот во светот.
Оддавајќи почит на сите жртви на геноцидите во светот, турскиот претседател Ердоган истакна дека човештвото минува низ тежок период во кој се шири пандемијата на Ковид-19, но и вируси на расизмот.
Укажувајќи на порастот на нападите врз џамии, синагоги и цркви во светот, Ердоган рече дека е во пораст омразата кон заедниците кои се разликуваат по етничка, верска, јазична или расна припадност.
Ердоган предупреди дека расистичкиот тероризам претставува безбедносна закана што ги поткопува мирот и волјата на народите за соживот.
„Немилите настани од минатиот век покажаа колку болка и страдање можат да предизвикаат расистичките идеологии. Милиони луѓе настрадаа во холокаустот, Босна, Руанда и Камбоџа, а сите тие геноциди имаа предзнаци во вид на систематска дискриминација, маргинализација и растечки говор на омраза кои се манифестирани многу порано. Сите овие геноциди се живи примери кои ја предупредуваат меѓународната заедница за одговорност“, порача Ердоган.
Тој понатаму рече дека борбата против говорот на омраза не е само задача на преживеаните, туку и задача на целото човештво во која важна улога има секој, вклучително и меѓународните организации, држави, медиуми, политичари, граѓанското општество, верските групи и интелектуалците.
Потсетувајќи дека Турција негува повеќевековна традиција на соживот на разликите, Ердоган рече дека актуелното турско раководство на сите меѓународни платформи укажува на виталното значење на одбраната на цивилизациските вредности на заедништвото и мирот.
Тој додаде дека Турција, со спроведувањето на политиката на отворени врати, ги згрижи сите кои пребегале, без оглед на нивната верска или каква било друга припадност.
„Меѓународната заедница мора да се активира, за да не се повторат трагедии како холокаустот, Босна, Руанда и Камбоџа. Конечно, треба да се каже стоп на ширењето непријателство кон исламот, и на ксенофобијата, која се шири под влијание на дигиталните платформи и медиумите“, порача Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган во оваа пригода им оддаде почит на сите жртви на геноциди и изрази надеж за ставање крај на сите форми на дискриминација и иднина во која повеќе нема да има злосторства против човештвото.
Интернет-страницата „weremember.gov.tr“ ќе содржи информации, документи и снимки кои ќе имаат цел потсетување на геноцидите како што се холокаустот, Руанда, Сребреница и Камбоџа. Ќе бидат достапни и книги и истражувања кои се спроведувани за теми поврзани со геноцидите.
news_share_descriptionsubscription_contact
