Mehmet Tosun,Kaan Bozdoğan
21 Октомври 2021•Ажурирај: 22 Октомври 2021
АНКАРА
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција, со Истанбулскиот финансиски центар, проект кој се очекува да започнe во почетокот на 2022 година, се стреми да биде исламски финансиски центар, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние се стремиме да станеме еден од важните центри во светот со Истанбулскиот финансиски центар. Сакаме овој проект да стане и исламски финансиски центар“, рече Ердоган во видеопорака до економскиот настан - Регионална финансиска конференција - одржана во Истанбул.
Претседателот додаде дека законодавната работа во врска со значајниот проект ќе биде завршена наскоро.
Проектот на Истанбулскиот финансиски центар треба да послужи како глобален центар за финансиски системи и небанкарски финансиски методи.
„Турција“, рече Ердоган, „е привлечна за странските инвеститори со своите даночни ослободувања и попусти.“
Тој, исто така, ги спомена чекорите за подобрување на инфраструктурната средина и потезите за поврзување на транспортните коридори што создаваат можности за инвеститорите.
„Постојат многу полиња во кои можеме да соработуваме, од енергија до транспорт, одбранбена индустрија, технологија, финансии и храна. Очекуваме инвеститорите да ги искористат максимално овие можности“, изјави Ердоган.
Ердоган рече дека е важна придобивка тоа што името на Турција доаѓа до израз за алтернативни дестинации на мрежата за производство и снабдување со седиште во Азија.
„Како Влада која спроведе историски реформи на секое поле во последните 19 години, ние сме решени да не дозволиме оваа доверба во Турција да пропадне“, вети тој.
– Економски раст на Турција, и покрај пандемијата
„Во услови на пандемијата на Ковид-19, светот се бори со глобална криза која има и економски и последици поврзани со здравјето“, рече турскиот лидер, додавајќи дека минатогодишните економски податоци јасно покажале во каква бура се вовлекува светот.
Тој потсети дека светската економија е намалена за 3,5 отсто, глобалната трговија намалена за речиси 10 отсто, меѓународните директни инвестиции се намалија за 42 отсто, а глобалните долгови минатата година достигнаа рекордно ниво од 282 трилиони долари.
„Повеќето земји се обидуваат да ја надминат оваа криза со повлекување во сопствените школки, наместо да се отворат и да го споделат товарот“, упати критики Ердоган.
„Прекините, особено во синџирите на производство и снабдување, ќе предизвикаат проблеми од кои ефектите ќе траат долги години“, предупреди тој.
„Турција“, рече тој, „не го прекина производството, логистиката, вработувањето и индустриските активности во овој процес, усвојувајќи поинакви методи во борбата против пандемијата.“
„Со поддршка за светот на бизнисот, трговците, малите и средните претпријатија и земјоделците, Турција ја затвори 2020 година со позитивна стапка на раст - 1,8 отсто, и покрај негативната економска клима и проблемот со синџирот на снабдување“, нагласи Ердоган.
„Турција беше меѓу земјите од Г-20 што објавија најголеми стапки на раст на економското и индустриското производство минатата година“, рече тој.
„Го постигнавме овој моментум постигнувајќи стапка на раст од 7,2 отсто во првиот квартал и 21,7 отсто во вториот квартал од 2021 година. Исто така, Турција собори рекорд во извозот и го надмина нивото од 212 милијарди долари на годишно ниво овој септември“, додаде.
„И покрај 35 отсто пад на инвестициите на глобално ниво за време на пандемијата, нема забавување во Турција“, рече претседателот.
„Се надеваме и очекуваме да ја завршиме 2021 година со стапка на раст од 9 отсто“, рече тој.