АНТАЛИЈА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, остварија повеќе од 50 билатерални средби на Дипломатскиот форум во Анталија, на кој присуствуваа лидери од повеќе држави, јавува Агенција Анадолија (АА).
На форумот, организиран под покровителство на претседателот Ердоган, домаќин беше министерот за надворешни работи Чавушоглу, а Агенција Анадолија (АА) беше глобален комуникациски партнер. Дипломатскиот форум успешно беше организиран во Конгресниот центар НЕСТ, кој се простира на површина од 16.000 квадратни метри во туристичкиот регион Белек, Анталија.
На Форумот на највисоко ниво беа превентивните мерки за заштита од епидемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19), при што сите учесници и членови на персоналот беа контролирани со ПЦР-тестови секој ден пред да влезат во салата.
На тридневниот Форум, што започна со воведниот говор на претседателот Ердоган и министерот Чавушоглу, присуствуваа шефовите на држави и влади на 11 земји, 41 министер за надворешни работи и гости на министерско ниво, како и речиси 60 претставници на меѓународни организации и претставници од највисоко ниво.
На Форумот, покрај сесијата и придружните настани, се одржаа и 15 панели и состаноци на тркалезна маса, организирани се и две вечери, еден прием и три културни настани. Сите настани одржани на Форумот беа пренесувани во живо до целиот свет преку телевизиските канали и платформите на социјалните медиуми.
На Форумот во дигитален облик беше формиран „Тунел за дипломатија“ во кој беа изложени 85 наслови, почнувајќи од Договорот од Кадеш (потпишан меѓу Египќаните и Хетитите во 1280 година пр. н. е.), кој е првиот признат договор во историјата на светот, па сè до денес, збогатени со делата на светски познатиот фотограф Ара Гилер и сликарот Осман Хамди-бег. На дигиталните изложби организирани под насловите „Епидемија“, „Среден Исток“, „Балкан“, „Миграција“, „Источен Медитеран“, „Кавказ“ и „Азија“ беа прикажани 1.500 фотографии.
- Правени се 8.000 ПЦР-тестови дневно -
Во текот на 4 дена, Форумот беше домаќин на 256 студенти на додипломски, постдипломски и докторски студии од повеќе од 50 универзитети низ Турција.
Во центрите за ПЦР-тестирање, од кои едниот беше поставен на 8 точки во една болница, на дневно ниво се вршени 8.000 тестирања за Ковид-19 на обезбедувањето, гостите и персоналот.
Два позитивни случаи на заразеност се забележани кај персоналот што работи надвор, по што тимовите за изолација веднаш стапија во акција и овие лица биле ставени во карантин.
- Искуството беше споделено со младите -
Турскиот министер Чавушоглу, претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу, и кошаркарскиот тренер Ергин Атаман се состанаа со младите во рамките на Форумот и ги споделија своите искуства.
Турскиот претседател Ердоган и министерот за надворешни работи, Чавушоглу, одржаа повеќе од 50 билатерални средби со странски државници на Форумот.
Ердоган имаше одделни средби со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, претседателот на Кенија, Ухуру Кенијата, претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу, и претседателот на Хаити, Жовенел Моиз.
Министерот за надворешни работи, Чавушоглу, одржа 35 билатерални состаноци со странски државници и политичари, меѓу кои и средба со полскиот министер за надворешни работи, Збигњев Рау, министерот за надворешни работи на Габон, Пакоме Мубелет Бубеја, министерот за надворешни работи на Камерун, Лежун Мбела Мбела, иранскиот министер за надворешни работи, Мохамад Џавад Зариф, министерот за надворешни работи на Венецуела, Хорхе Ареаса, и со министерот за надворешни работи на Мадагаскар, д-р Џакоба Техиндразанаривело.
Билатералните средби продолжија и во саботата и неделата без намалување на интензитетот.
- Прв форум на меѓународно ниво одржан од почетокот на Ковид-19 -
На Дипломатскиот форум во Анталија, кој е прв форум одржан на меѓународно ниво по почетокот на епидемијата на Ковид-19, постигнати се и билатерални договори за различни прашања.
Агенцијата Анадолија (АА), која беше глобален комуникациски партнер на Форумот, благодарение на своите објави на 13 светски јазици ги пренесе случувањата на Форумот до светот, а имаше и свој штанд во центарот.
Форумот, кој пулсираше во знакот на дипломатијата, заврши со прес-конференција на министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу.