Gözde Bayar,Handan Kazancı
23 Јуни 2022•Ажурирај: 23 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман во Анкара разговараа за новата ера на соработка во билатералните односи, вклучувајќи ги политичките, економските, воените, безбедносните и културолошките врски, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган го пречека Бин Селман со државни почести во Претседателскиот комплекс во турската престолнина, по што одржаа состанок кој траеше околу два часа.
Во заедничката декларација на Туркије и Саудиска Арабија се наведува дека двајцата челници на состанокот ја истакнале одлучноста на двете држави да започнат нова ера на сеопфатна соработка во многу области.
Како што се наведува во декларацијата, официјална Анкара и Ријад исто така одлучиле да ги продлабочат консултациите и соработката за регионалните прашања со цел зајакнување на стабилноста и мирот.
Двајцата лидери ветија дека ќе ја развиваат и одржуваат соработката заснована на „историското братство“ на двата народа заради иднината на целиот регион.
Исто така, ја истакнаа и важноста од зголемување на бројот на летови, олеснувањето на билатералната трговија, можностите за инвестирање насочени кон конкретни партнерства.
Во заедничката декларација се наведува дека Саудиска Арабија изразила благодарност за поддршката на Туркије за кандидатурата на Ријад за домаќин на ЕКСПО 2030.
Кон крајот на април, Ердоган престојуваше во дводневна работна посета на Саудиска Арабија со цел зајакнување на билатералните односи.
Ердоган тогаш оствари средба со саудискиот крал Селман бин Абдулазиз Ал Сауд, како и со престолонаследникот, и разговараше за бројни меѓународни, регионални и билатерални прашања.
По враќањето во Туркије по посетата на Саудиска Арабија, Ердоган рече дека Анкара и Ријад се одлучни да ги продолжат напорите за заедничките интереси и за стабилноста во целиот регион.