Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
13 Мај 2022•Ажурирај: 14 Мај 2022
АНКАРА (АА) - Долгогодишната членка на НАТО, Турција, ја следи дискусијата за Финска и Шведска, кои сакаат да се приклучат на Алијансата, но засега не постои позитивен став, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Го следиме развојот на настаните. Во моментов немаме позитивен став во врска со прашањето за Шведска и Финска [приклучување кон НАТО]“, изјави Ердоган за новинарите по петочната молитва во Истанбул.
Велејќи дека тие „скандинавски земји се како пансиони на терористичките организации“, Ердоган додаде: „Во Парламентот постојат поддржувачи на тероризмот. Не можеме да бидеме позитивни кон ова.“
Во јули 2020 година Турција го критикуваше онлајн состанокот меѓу шведскиот министер и припадници на терористичката организација ЈПГ/ПКК, сирискиот огранок на ПКК. Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека инцидентот иницирал сериозен прашалник во врска со пристапот на Шведска кон борбата против тероризмот како прашање на приоритет.
Според правилата на НАТО, секоја одлука за проширувањето мора да биде донесена „со едногласна согласност“, што практично ѝ го дава правото на Турција да стави вето за која било нова членка.
- Потегот на САД за ЈПГ/ПКК неприфатлив -
Осврнувајќи се на одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) за укинување на санкциите за регионите под контрола на ЈПГ/ПКК во Сирија, Ердоган истакна дека ЈПГ/ПКК е терористичка организација и дека „Турција не може да прифати“ таква одлука.
„Ние го немаме луксузот да ги игнорираме терористите. Ова им го кажуваме на сите земји што ни се чинат пријателски“, рече тој, повикувајќи ги „да се грижат“ за своите постапки.
Под контрола на ЈПГ остануваат големи делови на североисточна Сирија со поддршка на САД.
ПКК е означена како терористичка организација во Турција и САД. Но, Вашингтон се воздржа од слично обележување на ЈПГ/ПКК и продолжува да соработува со неа во регионот против терористичката организација ДЕАШ, и покрај жестокиот протест од Анкара.
Во врска со операцијата „Канџа-катанец“ на Турција во Зап, северен Ирак, започната во април за борба против засолништата на терористичката ПКК преку турската граница, Ердоган рече: „До вчера, 82 терористи се неутрализирани како дел од операцијата „Канџа-катанец.“
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК е одговорна за смртта на над 40.000 луѓе, вклучувајќи жени, деца и доенчиња.