Gizem Nisa Çebi
02 Мај 2025•Ажурирај: 03 Мај 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес најави голем чекор напред во енергетскиот сектор на земјата и нејзината прва нуклеарна централа, јавува Анадолу.
„До крајот на оваа година, ќе започнеме со пробно производство и ќе ги испорачаме првите количини електрична енергија од (нуклеарната централа) Акују“, рече Ердоган на Самитот за природни ресурси во Истанбул.
Турскиот претседател ја нагласи улогата на Туркије во справувањето со глобалната енергетска безбедност, особено во услови на тековните енергетски предизвици на Европа.
„Презедовме бројни иницијативи за да придонесеме кон регионалната енергетска безбедност со цел да помогнеме во ублажувањето на енергетската криза со која се соочуваат европските земји“, рече Ердоган.
„Појавата на Туркије како безбедно засолниште за време на енергетската криза во Европа воопшто не е случајност“, додаде тој.
Ердоган, исто така, ги најави последните фази од амбициозниот проект, што започна во 2017 година: „Изградбата на првиот реактор на нуклеарната централа Акују е при крај.“
Покрај напредокот во нуклеарната енергија, Ердоган се осврна и на активностите на земјата за ресурси во странство. „Имаме за цел оваа година да го започнеме првото производство на едно од полињата за злато во Нигер за што добивме лиценца“, рече турскиот претседател.
Понатаму, нагласувајќи ги достигнувањата на земјата во областа на енергетиката, Ердоган исто така истакна: „Со операциите во Габар (југоисточна Туркије), нашето дневно производство на нафта низ Туркије надмина 135.000 барели до крајот на март 2025 година, што е рекорд.“