Mümin Altaş
19 Мај 2022•Ажурирај: 19 Мај 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган упати порака по повод 19 Мај, Денот на сеќавање на Ататурк и Денот на млади и спорт, јавува Агенција Анадолија (АА).
„19 Мај, подарен на младите од Турција од Мустафа Кемал Ататурк, е датумот кога на светот му беше објавена определбата и љубовта на нашата нација кон независноста, а во нас беше оживеан духот на отпорот“, рече Ердоган во пораката.
Ердоган потсети дека на 19 мај 1919 година турскиот народ сплотено се кренал против колонијалните окупаторски сили, покажал епско херојство, впуштајќи се во голема борба за воспоставување постојана држава Република Турција и конечно извојува чесна победа.
Тој посочи дека во иднината чекорат со силата и духот на независноста што ги носат од историјата и дека решително немилосрдно се борат против сите оние кои сакаат да го спречат развојот и напредокот на Турција.
„Постојано го зајакнуваме нашиот ентузијазам за изградба на голема и силна Турција, ја поддржуваме нашата младина, која ја сметаме за наша најважна инвестиција. Работиме напорно со нашите сили за нашата младина со национална свест и карактер и веруваме во потенцијалот на младите во Турција“, рече Ердоган.
Тој додаде дека визијата и напорите што ги преземаат младите во Турција на патот на националниот, регионалниот и глобалниот развој се клучни за зајакнување на надежите за светла иднина на Турција.
„Горди сме што ја гледаме нашата младина во првите редови во сите области на Турција, од образованието, спортот, безбедноста, политиката, трговијата до уметноста. Ќе продолжиме да чекориме заедно со нашите млади луѓе за да ги постигнеме целите за 2023 година и визијата на нашата земја за 2053 година“, рече Ердоган.
Денеска во Турција се одбележува 19 Мај, Денот на младите и спортот, кој е и Ден на сеќавање на првиот претседател на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк.
Голем број претставници на Турција испратија порака по повод овој празник.
Инаку, на 19 мај 1919 година Мустафа Кемал Ататурк ја започна борбата за независност на својот народ и ги постави темелите на денешна Турција. Затоа 19 мај е исклучително важен датум во земјата.
Денот на младите и спортот се одбележува со различни настани во Република Турција, како и во други земји во светот каде што живее турската дијаспора.