?kipa
19 Март 2019•Ажурирај: 20 Март 2019
ЗОНГУЛДАК (АА) - Терористот кој минатата недела уби и повреди околу 100 верници во две џамии во Нов Зеланд, ќе плати за тоа, истакна турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган зборуваше на митингот на Партијата за правда и развој (АК Партија), одржан во Ерегли, Зонгулдак.
Во оваа пригода зборуваше за претстојните локални избори кои треба да се одржат во Турција на 31 март, но и за укинувањето на смртната казна во Турција.
„Направивме грешка, укинавме смртна казна. Сметам дека згрешивме. Зошто? Бидејќи престојот во затвор на оние кои на 15 јули убија 251 наш сограѓанин, војник, полицаец, па дури и да добијат доживотна и заострена казна, мене тешко ми паѓа. Го зборував тоа и пак го велам, доколку нашиот Парламент донесе таква одлука, јас ќе ја одобрам“, изјави Ердоган.
Тој се осврна и на терористичкиот напад на џамиите во Нов Зеланд.
Ердоган на напаѓачот му порача дека ќе плати за овој напад.
„Ќе платиш за тоа. Ако Нов Зеланд не го стори тоа, на еден или на друг начин ние ќе направиме да платиш“, нагласи Ердоган.
Најмалку 50 лица загинаа, и исто толку беа повредени кога терорист отвори оган врз верниците за време на петочната молитва во џамиите „Ал Нур“ и „Линвуд“ во Крајстчрч, третиот по големина град во Нов Зеланд.
Терористичкиот напад беше пренесуван во живо на социјалните медиуми, и беше проследен со објавување на расистички, исламофобичен манифест, во кој, исто така се споменува и Турција.
За нападот е обвинет Брентон Харисон Тарант, 28-годишен Австралијанец.