Hikmet Faruk Başer
02 Октомври 2020•Ажурирај: 03 Октомври 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - ХИКМЕТ ФАРУК БАШЕР -
Истанбулскиот муфтија, проф. д-р Мехмет Емин Машали, изјави дека откако повторно беше отворена за богослужба, Големата џамија „Аја Софија“ ја посетиле над 1,5 милион луѓе.
Во изјавата за Агенција Анадолија (АА), Машали потсети дека Големата џамија „Аја Софија“ е отворена за богослужба на 24 јули.
Наведувајќи дека големиот интерес на граѓаните продолжува, Машали рече дека се запазуваат мерките утврдени поради епидемијата.
Тој истакна дека во џамијата се примаат само одреден број посетители, при што додаде:
„За да нема голем метеж, откако ќе заврши посетата на една група, се дозволува влез на втората група. На сите им нудиме можност да ја посетат. Во џамијата е веќе создадена свест, нашите граѓани ги почитуваат правилата за физичко растојание и преземените мерки. Уште од првиот ден откако џамијата е отворена за богослужба, не се регистрирани никакви проблеми. Покрај тоа, лица од муфтивството на Истанбул постојано се присутни во неа.“
- „Од сите страни на Турција и од странство, илјадници луѓе доаѓаат да ја посетат џамијата“ -
Потенцирајќи дека интересот за џамијата е многу голем, Машали рече дека посетата се зголемува во петок и за време на викендите.
Машали, наведувајќи дека бројот на туристи е мал поради епидемијата, нагласи:
„Затоа не се создава метеж од странски туристи. Но, интересот на нашите граѓани е на највисоко ниво. Големата џамија „Аја Софија“ преку неделата ја посетуваат просечно 15 илјади луѓе, а во петок и за време на викендите, 25 - 30 илјади. Откако повторно беше отворена за богослужба, Големата џамија „Аја Софија“ ја посетија повеќе од 1,5 милион луѓе. Џамијата е отворена 24 часа. Од сите страни на Турција и од странство, над илјадници луѓе доаѓаат да ја посетат џамијата.“
- „Утринските молитви се пренесуваат во живо“ -
Изјавувајќи дека граѓаните покажале голем интерес за утринската молитва, Машали рече дека дворот и плоштадот се полнат за време на молитвата.
Подвлекувајќи дека има и граѓани кои не можат да дојдат во Големата џамија „Аја Софија“, рече: „Со цел да се обезбеди и тие граѓани да бидат поврзани со џамијата, на Фејсбук е отворена страница: ‘Ayasofya-i Kebir Cami-i Şerifi‘, што ја водиме ние. Утринските молитви ги пренесуваме во живо од страницата и за нив постои голем интерес. Нашите граѓани од оваа фб-страница можат да ги следат утринските молитви.“