Mustafa Güngör
08 Септември 2021•Ажурирај: 09 Септември 2021
ИЗМИР (АА) - Обвинителството на Република Турција издаде налог за приведување на најмалку 214 лица во вкупно 41 турска област и во Турската Република Северен Кипар. Станува збор за осомничени во рамки на истрагите за инфилтрирани елементи на терористичката организација ФЕТО во Вооружените сили на Турција. Според последните информации, досега се приведени најмалку 157 осомничени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на истрагата против ФЕТО, турската полиција вчера го започна процесот на приведување 214 воени лица, меѓу кои 44 активни војници, како и 145 поранешни студенти на Воената академија со кои односот е прекинат по обидот за воен удар.
За групата осомничени утврдено е дека преку шифрирани телефони комуницирале со високорангирани лица во рамките на ФЕТО, некои се откриени врз основа на изјави на сведоци покајници, додека некои се откриени врз основа на „кодовите на организацијата“ при прием во воените училишта.
Турската полиција утрово ги продолжи претресите на неколку адреси, а досега се приведени најмалку 157 лица поврзани со терористите на ФЕТО.
Меѓу осомничените се наоѓаат и полковник, потполковник, 7 капетани, 7 натпоручници, 7 поручници, 41 офицер и 5 наредници.
Утврдено е дека ученикот во военото училиште, Ф. Т., кој исто така е меѓу осомничените, е син на бригадниот генерал Семих Терзи, кој беше во редовите на пучистите лојални на терористичката организација ФЕТО, и кој во ноќта на обидот за пуч беше застрелан од Омер Халисдемир, по што и самиот беше убиен од куршумите на пучистите од придружбата на Терзи.
Напоменато е дека во 20 операции спроведени од Обвинителството на Измир од 19 ноември 2019 година дешифрирани се 2.996 припадници на терористичката организација, од кои 1.299 се уапсени, меѓу кои 405-мина ја признале вината.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, припадниците на ФЕТО, со монтиран процес за наводна корупција, во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите на ФЕТО инфилтрирани во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа 2.734 лица.