Nurten Aslan
02 Септември 2020•Ажурирај: 04 Септември 2020
ДИЈАРБАКИР
- Нуртен АСЛАН
Продолжуваат мирните протести на мајките кои пред седиштето на Народната демократска партија (ХДП) во турскиот град Дијарбакир бараат да им бидат вратени децата кои со врбување и киднапирање се одведени во терористичките кампови на ПКК. Изминатата година дена 15 семејства ги дочекаа своите деца, јавува Агенција Анадолија (АА).
Наџире Акар на 22. август минатата година започна протест пред седиштето на партијата ХДП која ја обвини за киднапирање на нејзиниот син и префрлување во камповите на ПКК. Два дена подоцна синот и беше вратен.

Инспирирани од случајот на Хаџире, десетина семејства на 3. септември минатата година се собраа пред седиштето на ХДП во Дијарбакир и започнаа мирни протести со барање децата да бидат вратени во своите домови.
Протестите наидоа на поддршка од страна на јавноста од сите делови на Турција, а расплаканите мајки протестираа во текот на целата година и под секакви околнисти, па дури и во текот на пандемијата на Ковид-19.
Поддршка на мајките кои на протестите бараат децата да им бидат вратени од мрачните јами на терористите на ПКК им дадоа и претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу и други официјални лица.
Турските безбедносни сили, по налог на министерот Сојлу ги интензивираа разузнавачките и преговарачките акции, успевајќи од терористичките канџи да ги спасат децата на 15 семејства кои протестираат во Дијарбакир.
Мајката Хатиџе Џејлан на 10. декември минатата година успеа во својата борба и за првпат успеа да го прегрне својот син Џафер, кој откако беше киднапиран, 5 години мина во планинските кампови на ПКК.

Хусније Каја радосната вест дека ќерката и е вратена ја прими на 26. декември. Ќерката Мекије е киднапирана на 14-годишна возраст и одевена во камповите во северниот дел на Ирак, каде мина 5 години. Мекије им се предаде на турските безбедносни сили, имајќи емотивна средба со својата мајка.

На 10. јануари од терористичкиот камп избега и на турските сили им се предаде Ибрахим Халил Кадран чија баба Халиме Кадран протестираше во Дијарбакир во друштво со неговата тетка.
Од средината на јануари, пред седиштето на ХДП во Дијарбакир протестираше и Метин Ачан, а неговиот син на 4. февруари им се предаде на турските безбедносни сили на границата во Ширнак, среќавајќи се со своите родители по четири години изминати со терористите.

Петгодишниот копнеж по киднапираното дете на 11. февруари го завршија и родителите Низаметин и Аслихан Ешрефоглу, чиј син Хусејин им се предаде на турската полиција по пет години изминати во терористички камп.

Еден од најтрогателните повторни средби на семејствата со своите деца се случи на 16. јули кога мајката Север Фидан за првпат по 11 години го виде и го прегрна својот син кој избега од терористичкиот камп и ѝ се предаде на турската полиција.

Министерството за внатрешни работи на Турција неодамна соопшти дека сѐ поголем е бројот на терористи кои ги напуштаат редовите на ПКК и се предават. На оние кои се предаваат, државата им овозможува бројни можности, како право на образување и живот без страв и угнетување. Не се под притисок од страна на државата, можат слободно да контактираат со своето семејство и дадена им е правна помош.
ПКК е сепаратистичка организација која се наоѓа на листата на терористички групи во Турција, Европската унија и САД. Во текот на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе.
Партијата ХДП се обвинува за поврзаност со терористите на ПКК, а повеќе челници на таа партија се обвинети за ширење на терористичка пропаганда и давање помош на терористите.