Buket Güven
04 Мај 2019•Ажурирај: 06 Мај 2019
АНКАРА (АА) – Генералниот директор на Аnadolu Аgency (AA), Шенол Казанџи, за нападот на израелската армија врз канцелариите на Anadolu Agency во Газа истакна дека овие напади не можат да имаат заплашувачки ефект.
„Сакаме целиот свет да знае дека овие напади не можат да нѐ заплашат”, истакна Казанџи додавајќи дека Anadolu Agency ќе продолжи без прекин во цел свет да ја пренесува праведната борба на Палестина и израелската агресија.
Казанџи, во изјавата истакна:
„Израелската армија, во вечерните часови ја нападна канцеларијата на Anadolu Agency во Газа. Нашите колеги кои работат во канцеларијата во Газа ја напуштија зградата непосредно пред нападот, и на тој начин се спречи губењето животи.
Многу е јасно, истакна Казанџи, дека нападите на израелската армија се директно насочени кон канцеларијата и вработените на Anadolu Agency во Газа.
„Овој напад врз Anadolu Agency и неговите вработени е напад врз слободата на медиумите и слободата јавноста да добива информации. Овој напад од страна на Израел не е прв напад врз новинарите и медиумите во Палестина. Сакаме целиот свет да знае дека овие напади не можат да нѐ заплашат. Со нашите екипи во Палестина и Газа, Anadolu Agency ќе продолжи без прекин во цел свет да ја пренесува праведната борба на Палестина и израелската агресија“, рече Казанџи.
Тој нагласи дека несовесните напади на Израел врз цивили, деца, жени и постари лица ја промениле својата димензија и сега се насочени кон медиумските организации, слободата на печатот и врз правото светот да може да добива информации.
„Една од причините на несовесното однесување е тоа што за минатите напади не беа дадени потребните реакции. Ги повикуваме сите новински организации во нашата земја и во светот да заземат јасен став против израелската агресија, да реагираат заедно и да соработуваат“, порача генералниот директор на АА.
Тој потенцира дека доколку не се реагира за овој напад врз Anadolu Agency, тоа ќе го отвори патот за Израел да ги напаѓа и другите медиуми.
„Особено ги изразуваме нашите очекувања за искрен одговор од меѓународните организации кои тврдат дека се чувствителни на слободата на печатот, но, молчат кога нападот доаѓа од Израел.“
Казанџи му се заблагодари на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кој по нападот телефонски разговараше со генералниот директор на АА, изразувајќи желбите за помин. Казанџи упати благодарност и до турските министри, до палестинската Влада, институциите, организациите и граѓаните кои покажаа чувствителност.
„Морам да повторам дека Anadolu Agency ќе ја продолжи својата работа во Палестина и во Газа, како и во остатокот од светот. Со цел брзо и правилно информирање на јавноста, нашата Агенција ќе продолжи да ги извршува своите должности под сите услови со своите посветени вработени“, заклучи генералниот директор на АА, Шенол Казанџи во пораката по повод израелските напади врз зградата во којашто беше сместена канцеларијата на Anaddolu Agency во Газа.