Meryem Göktaş
16 Ноември 2017•Ажурирај: 17 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Според официјалните податоци, турското Министерство за национално образование интегрираше речиси половина милион сириски деца во образовниот систем за академската 2016-2017 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Турција е домаќин на 3,2 милиони сириски бегалци, повеќе од која било земја во светот.
Според информациите до коишто дојде АА од податоците на Министерството, 492.544 од 833.000 сириски деца на школска возраст се интегрирани во турскиот систем за академската 2016-2017 година.
Ова значи дека речиси 60 отсто од сириските деца-бегалци на школска возраст се заштитени во Турција.
Меѓу речиси половина милион сириски деца во турскиот образовен систем, 25.761 се во предшколски установи, 106.257 основци и 51.889 средношколци.
Исто така, во турскиот образовен систем за 2016-2017 година беа интегрирани и над 308.637 основци од I до IV одд.
Министерството има за цел да го зголеми пристапот до образование за сириските ученици до 65 отсто, во академската 2017-2018 година.
Анкара потроши 25 милијарди долари за помош и заштита на бегалците од почетокот на сириската граѓанска војна.
Минатиот месец, шефот на делегацијата на ЕУ за Турција, Кристијан Бергер изјави: „Турција му даде пример на остатокот од светот така што ги интегрираше сириските деца во турскиот образовен систем“.
Сирија се соочува со жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.