Faruk Zorlu,Ekip
10 Ноември 2022•Ажурирај: 11 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Во Туркије и во турските амбасади низ светот со пригодни програми се одбележува 84-годишнината од смртта на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на современа Република Туркије, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк („Аниткабир“) во Анкара се одржа државна церемонија. Во 9:05 часот по локално време се огласија сирените кои го означија моментот на неговата смрт.
Низ целата земја луѓето застануваа на улиците или стоеја во молк на своите работни места во сеќавање на Ататурк.
Во мавзолејот, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган беше меѓу оние кои положија венец.
Меѓу другите, присутни беа и претседателот на Републиканската народна партија (ЏХП), Кемал Киличдароглу, претседателот на Партијата за национално движење (МХП), Девлет Бахчели, потпретседателот на Туркије, Фуат Октај и претседателот на Големото народно собрание на Република Туркије (ТБММ), Мустафа Шентоп.
Ататурк е роден во 1881 година во Солун, тогашно Османлиско Царство. Најголемата воена слава ја стекна предводејќи ги турските борци во Битката кај Чанаккале. По распадот на Османлиското Царство, по завршувањето на Првата светска војна, Ататурк ја предводеше турската војска во ослободителната војна.
Како основач и претседател на Република Туркије, тој ја трансформира земјата во модерна, секуларна и прозападна држава. Почина на денешен ден во 1938 година во 57. година од животот.
Ататурк, во текот на животот, благодарение на неговите воени и политички способности, ја добивал секоја битка во која влегувал со цел зајакнување и зачувување на независноста на татковината и својот народ.
Мустафа Кемал Ататурк, чие име поради неговата воена и политичка генијалност е запишано со златни букви во турската и светската историја, почина во палатата Долмабахче на 10 ноември 1938 година.
Ковчегот со неговото тело, завиткан во знамето на Република Туркије, три дена беше изложен во големата свечена сала на палатата Долмабахче за посета на граѓаните. Потоа, на 20 ноември е префрлен во Анкара каде што ден подоцна привремено е погребан во Етнографскиот музеј. Сите држави на светот испратија свои претставници на погребот, а присуствуваа дури и странски генерали кои се бореле против Ататурк во Битката кај Чанаккале и во други големи битки.
Телото на Ататурк е префрлено во Мавзолејот „Аниткабир“ на 10 ноември 1953 година, на 15-годишнината од неговата смрт.