İbrahim Yaldız,Sabri Yıldırım
08 Април 2021•Ажурирај: 09 Април 2021
МУШ
Екипите на обласната администрација на Муш во период од седум дена успеаја да го отворат алтернативниот пат кон селото Учевлер во должина од 23 километри, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во областа Муш, каде што зимата изминува многу тешко, екипите за расчистување на снег минатата недела започнаа со работа за отворање на патот кон селото Учевлер, кој веќе четири месеци е затворен поради обилните наноси од снег и снежните бури.
Екипите кои под тешки услови работеа на расчистување на патот што селаните го користат како алтернатива, наидоа на снег кој на некои места достигнуваше и висина од 15 метри. Екипите во стрмните падини на планините во кои постои опасност од лавина, при расчистувањето на снегот создадоа снежен тунел.
На крајот од седумдневната работа, екипите кои успеаја да го отворат последниот пат кон градот затворен поради снегот, ја завршија овогодишната работа со снегот.
- „Не остана пат затворен од снег“
Шејхмус Јентур, генералниот секретар на Специјалната обласна администрација, за новинарите изјави дека ја завршиле овогодишната работа на расчистување на снегот со отворање на патот кон Учевлер.
Наведувајќи дека под нивна одговорност се 367 села и 208 селца, Јентур изјави:
„Беше тешка зима. Патиштата на високите места постојано беа блокирани поради обилните врнежи од снег, лавини и снежни бури. Иако немавме проблеми во рамнинските предели, се соочивме со потешкотии во борбата со снегот на високите места. Оваа година во борбата со снежните наноси беа ангажирани 64 градежни машини и 90 вработени. Среќни сме што сезоната ја завршивме без никакви проблеми. Бевме сведоци дека патиштата што ги отворивме повторно беа затворени по половина час. Одвреме-навреме, градежната опрема се лизгаше во долните делови од патот. Понекогаш се соочувавме со опасност од лавина на стрмните падини. Оваа година, додека го расчистувавме патот, имаше две лавини. Лавините ги поминавме без никаков проблем, причинета е само мала материјална штета на градежните машини.“
- „Тука има наноси од повеќе метри снег поради снежни бури“
Шефот на тимот, Фехим Каракаја, изјавувајќи дека по една недела работа го отвориле селскиот пат кон Учевлер, истакна: „Во ова подрачје поради снежната бура има наноси од снег во висина од речиси 20 метри. Работата ни беше многу тешка. Во некои подрачја има лавини. Операторите на градежните машини понекогаш не го гледаат патот. Во моментот, цветаат цвеќиња во рамнината Муш, но тука има наноси од повеќе метри снег. Тоа е убавината на ова подрачје.“