Seval Ocak Adıyaman
31 Јули 2020•Ажурирај: 02 Август 2020
АНКАРА (AA) - Претседателот на Големото народно собрание на Турција, Мустафа Шентоп, им го честиташе празникот Курбан бајрам на претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери и претседателот на Собранието на Албанија, Грамоз Ручи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението што го објави Претседателството на Парламентот на Турција се наведува дека претседателот на Собранието, Шентоп, имал телефонски разговор со претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери. Во разговорот двајцата претседатели на парламентите меѓусебно им го честитаа празникот Курбан бајрам на пратениците и граѓаните на двете земји.
Шентоп оствари телефонски разговор и со претседателот на Собранието на Албанија, Грамоз Ручи. Шентоп и Ручи си го честитаа празникот и во исто време упатија честитки до пратениците и граѓаните на двете земји. Ручи упати благодарност до претседателот Реџеп Таип Ердоган со чиј налог Турција во Албанија ќе изгради 522 стана за семејствата погодени во катастрофалниот земјотрес.
Претседателот на турскиот Парламент по повод празникот Курбан бајрам планира да се слушне со претседателите на парламентите на приближно 15 земји од Балканот и на други земји од светот.