Gözde Bayar
30 Јуни 2019•Ажурирај: 01 Јули 2019
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Република Турција соопшти дека очекува итно ослободување на шестмина турски државјани држени од силите на воениот командант од источна Либија, Калифа Хафтар, јавува Anadolu Agency (AA).
„Држењето на шестмината турски државјани во Либија од страна на припадниците на илегалната милиција лојална на Калифа Хафтар е чин на варварство и пиратство“, се вели во соопштението на турското Министерство.
Министерството за надворешни работи наведува дека очекува итно ослободување на своите државјани бидејќи во спротивно, како што нагласува, „елементите на Хафтар ќе бидат легитимна цел“.
Во петокот, Ахмед ал Мисмари, портпаролот на командантот на силите на Калифа Хафтар од источна Либија, изјави дека Хафтар издал наредба за забрана на комерцијални летови на турските компании во Либија. Тој рече дека е издадена и наредба за напад на турските бродови во либиските води.
Калифа Хафтар на почетокот на април започна воени акции со амбициозен план за освојување на главниот град Триполи, каде што се наоѓа седиштето на Владата на национално единство на Либија.
Либија е зафатена од превирања од 2011 година, кога во крваво востание поддржано од НАТО беше соборен, а потоа и убиен повеќедеценискиот лидер Муамер Гадафи.
Оттогаш, острите политички поделби во земјата доведоа до создавање на две ривалски власти, една во источниот дел на Либија, со која е поврзан Хафтар и друга во Триполи, поддржана од Обединетите нации.