Seda Sevencan,Rabia İclal Turan
26 Мај 2022•Ажурирај: 27 Мај 2022
ИСТАНБУЛ (АА) – Директорот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, истакна дека односите помеѓу Турција и Африка добиле замав во изминатите 20 години, нагласувајќи дека интересот на Турција за африканскиот континент се заснова на еднаквост и заемна добробит, јавува Агенција Анадолија (АА).
Алтун имаше свое обраќање на Медиумскиот самит Турција - Африка организиран по повод Денот на Африка, кој се одржува во Истанбул.
Тој порача дека се надева дека Самитот ќе го зајакне пријателството помеѓу Турција и Африка и дека ќе овозможи подобро да се запознаат и да создадат нови можности за соработка на полето на медиумите.
Потсетувајќи дека Турција се приклучи на Африканската Унија како набљудувач во 2005 година и учествуваше и организираше многу самити, вклучувајќи го и последниот Самит на партнерство Турција - Африка во декември во Истанбул, Алтун рече: „Интересот на Турција за Африка е искрен, долгорочен и заснован на вин-вин принципот.“
„Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган досега оствари 50 посети на 30 африкански земји“, истакна Алтун, што, како што рече, придонело за зајакнување на билатералните односи.
„Способноста на Турција да се гледа себеси како вистински партнер со африканските држави, да ја изрази оваа мисла и да најде одговор на овие чувства од нашите африкански пријатели директно произлегува од отсуството на колонијализмот во нашата историја“, рече тој.
Пофалувајќи ги напорите на дописниците на Агенција Анадолија кои известуваат од Африка, тој додаде дека лансирањето на ТРТ Француски, исто така е добар развој.
„Така имплементиравме важен проект за да се слушне гласот на Африка во светот и да доставиме точни информации за Турција до земјите од француското говорно подрачје“, рече тој.
„Ние, исто така, веруваме дека на овој начин можеме да обезбедиме подобра промоција на Африка во Турција“, додаде Алтун.
Нагласи дека Турција, исто така, сака и силна соработка со сите африкански земји во борбата против дезинформациите.
На настанот организиран од Дирекцијата за комуникации при турското Претседателство ќе се разговара за низа прашања, меѓу кои и за предизвиците во новинарството по пандемијата, новинарството под дигитална опсада и жените во новинарството.
Меѓу учесниците се 80 претставници на медиуми од 45 африкански земји, дипломати од Африка, државни службеници и членови на граѓанското општество.
Програмата има за цел да ја зајакне соработката на Анкара со африканските медиуми и професионалци.