Özcan Yıldırım
12 Ноември 2018•Ажурирај: 13 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Шефот на Одделот за комуникации во Кабинетот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Фахретин Алтун, смета дека се неприфатливи обвиненијата на францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дријан, дека Ердоган игра политички игри, јавува Anadolu Agency (AA).
Алтун упати соопштение по повод изјавата на Ле Дријан за новинската агенција AFP, а која се однесува на убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги.
Тој истакна дека зборовите на Ле Дријан за чекорите што ги презела Турција кога станува збор за убиството на Кашоги не ја отсликуваат вистината.
„Неприфатливи се обвиненијата дека нашиот претседател Ердоган игра политички игри. Не треба да се заборави дека да не беа одлучните напори на Турција, овој случај одамна би бил прикриен. Турција покажува јасна намера да ја изнесе вистината на виделина“, изјави Алтун.
Тој потсети на изјавата на премиерот на Канада, Џастин Трудо, дека разузнавачката служба на таа земја ги преслушала снимките од убиството на новинарот.
Алтун додаде дека Турција ги споделила доказите од убиството на Кашоги и со француските институции.
Алтун истакна дека Турција не може да ги решава можните проблеми во комуникацијата на француските институции, туку дека тоа треба да го направи француската страна.
„Турција продолжува да работи на откривање на сите детали од убиството на Кашоги. Тоа ги вклучува и оние што го наредија убиството. Ги повикуваме сите актери на меѓународната заедница, првенствено Франција, да преземат чекори што ќе придонесат за остварувањето на таа цел“, изјави Алтун.