Hüseyin Bağış
11 Јануари 2022•Ажурирај: 12 Јануари 2022
ИЗМИР
Обвинителството на Република Турција издаде налог за приведување на најмалку 185 лица во Измир и уште 40 турски градови, а станува збор за осомничени во рамките на истрагата за инфилтрирани елементи на терористичката организација ФЕТО во Вооружените сили на Турција (ТСК). Во текот на утринските акции уапсени се најмалку 113 лица, известува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од републичкото обвинителство во Измир наведено е дека во координација со министерството за одбрана, канцеларијата за разузнавачки служби во Измир, Вооружените сили на Турција и жандармеријата, започнат e процес на приведување на осомничени поврзани со терористичката организација ФЕТО.
Налогот за приведување е издаден за вкупно 185 лица поврзани со ТСК, меѓу кои има и активни воени лица со различни чинови, припадници на поморски, копнени и воздушни сили, припадници на Команда на крајбрежна стража, жандармерија, како и поранешни ученици на воените школи.
Во текот на истовремените претреси спроведени изутрина во Измир и во уште 40 турски градови, од слобода се лишени најмалку 113 осомничени, додека по останатите осомничени сѐ уште се трага.
За осомничените е потврдено дека користеле телефони и различни системи на шифрирана комуникација својствена за припадниците на терористичката организација ФЕТО.
Во текот на 23 одвоени операции спроведени во рамките на истрагата за откривање на инфилтрирани елементи на терористичката организација ФЕТО во рмките на Вооружените сили на Турција, од 19 ноември 2019 година до денес се издадени налози за приведување на најмалку 3.450 осомничени, од кои за 1.525 лица е одреден притвор. Ослободени се 500 сведоци покајници.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, припадниците на ФЕТО, со монтиран процес за наводна корупција, во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следеше и неуспешниот крвав обид за државен удар од страна на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите на ФЕТО инфилтрирани во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа 2.200 лица.