Diyar Güldoğan
06 Декември 2022•Ажурирај: 07 Декември 2022
АНКАРА (АА) - Туркије очекува Шведска и Финска да преземат конкретни чекори за да станат членки на НАТО, бидејќи пропагандата на тероризмот во овие земји сè уште трае, рече турскиот министер за национална одбрана Хулуси Акар, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Внимателно ја следиме ситуацијата во Шведска и Финска. За жал, сè уште гледаме одредени провокативни акции и слики во овие земји. Очекуваме и Шведска и Финска да преземат конкретни чекори“, изјави Акар за новинарите.
Коментарите на Акар дојдоа пред неговиот состанок со финскиот министер за одбрана Анти Каиконен во четврток. За време на разговорите во главниот град Анкара, Акар и Каиконен ќе разговараат за билатералните, безбедносните, како и прашањата од полето на одбраната, но ќе стане збор и за процесот на членство на Финска во НАТО.
Финска и Шведска официјално поднесоа барање за приклучување кон НАТО во мај, напуштајќи ја децениската неприврзаност кон ниеден воен сојуз, одлука поттикната од руската војна против Украина.
Но, Туркије, членка на НАТО над 70 години, изрази приговори за нивните кандидатури за членство, обвинувајќи ги двете земји дека толерираат, па дури и поддржуваат терористички организации.
Туркије и двете нордиски земји потпишаа меморандум во јуни на Самитот на НАТО за решавање на легитимната безбедносна загриженост на Анкара, отворајќи го патот за нивно членство во Алијансата.
„Постојат обврски потпишани од Шведска и Финска... тие мора да се исполнат... меморандумот е почеток, а не крај. Откако ќе се завршат, турскиот Парламент ќе ја донесе својата одлука. Ние, исто така, се обидуваме да им помогнеме на Шведска и Финска“, додаде Акар.
„Туркије нема проблем со политиката на отворени врати на НАТО, но треба да се почитуваат чувствителните прашања на земјата“, нагласи тој.
„Тероризмот е една од најголемите области на борба на НАТО. Тероризмот во моментот е сериозен проблем за сите земји. Туркије е единствената земја која се бори против повеќе од една терористичка организација. Ова треба да се признае, и треба да се подигне свесноста за она што го правиме по ова прашање“, додаде Акар.