Tuba Onğun
09 Ноември 2023•Ажурирај: 11 Ноември 2023
АНКАРА (АА) – Аеродромот „Истанбул“ во Туркије минатата недела беше најфреквентен аеродром во Европа, покажуваат податоците на Европската организација за воздухопловна безбедност (Евроконтрол), јавува Анадолу.
Аеродромот имаше просечно 1.283 лета дневно во периодот од 30 октомври до 5 ноември, со што го зазема првото место како најфреквентни аеродроми во Европа, покажа извештајот објавен вчера.
Забележан е пад за 7 отсто во однос на претходната недела, а раст од 5 отсто од минатата година и 11 отсто од периодот пред коронавирусот во 2019 година.
„Само еден од првите 10 аеродроми (iGA Istanbul) моментно има сообраќај над неговите нивоа од 2019 година“, се наведува во извештајот.
По него следуваат лондонскиот „Хитроу“ со 1.255 дневни лета, парискиот „Шарл де Гол“ со 1.240 лета, аеродромот во Франкфурт со 1.210 лета и аеродромот во Амстердам со 1.179 лета дневно, покажуваат податоците на Евроконтрол.
Аеродромот во Анталија го загуби своето место меѓу првите 10 со завршувањето на летната сезона, а на негово место дојде лондонскиот „Гетвик“.
Во извештајот се нагласува дека ниту еден од наведените аеродроми не забележал раст во однос на претходната недела.
Велика Британија минатата недела беше најфреквентна земја кога станува збор за авиосообраќајот со забележани 5.050 лета - вклучително и прелети, што е намалување од 11 отсто во однос на претходниот седумдневен период.
Следува Германија со 4.456 лета, Шпанија со 4.431 лет, Франција со 3.616 лета и Италија со реализирани 3.169 лета во периодот од 30 октомври до 5 ноември.