Ekipa
05 Август 2019•Ажурирај: 06 Август 2019
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, денес во Анкара го повика светот за поддршка на напорите за постигнување мир во Идлиб и предупреди на можноста од хуманитарна драма полоша од таа во 2015 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на турската дипломатија на отворањето на редовната годишна амбасадорска конференција истакна дека Турција е предводник на меѓународните напори за да се стави крај на конфликтот во Сирија.
„Во Астана и во Сочи, продолжувајќи да соработуваме со Русија и Иран, се обидуваме да обезбедиме мир во регионот“, рече чавушоглу и додаде: „Неодамна, ги искористивме сите средства за да ги спречиме нападите на режимот и неговите приврзаници кон цивилите во Идлиб. Го повикувам светот да ги поддржи нашите напори. Инаку, би сакал да ги предупредам сите дека нова хуманитарна драма во Идлиб би изгледала полошо од драмата во 2015 година.“
Турскиот министер на отворањето на конференцијата порача и дека Кипар е национално прашање на Турција и политичката еднаквост на турскиот народ на тоа подрачје останува приоритет.
Зборувајќи за стратешка визија на Турција во регионот Чавушоглу, рече: „На море, предизвикувачка географија е Источниот Медитеран. Во Источниот Медитеран, кој е точка на раскрсница на три континенти во светот, нема да дозволиме да бидат направени чекори во кои нема да бидат земени предвид легитимните права на Турција и кипарските Турци.“
Чавушоглу, потсетувајќи дека турските бродови за сондажа, „Фатих“ и „Јавуз“, работат во областите каде што Турската Република Северен Кипар им доделила лиценца на турските нафтени компании, рече дека турската страна е за правна поделба на ресурсите и изнаоѓање заедничко решение со соработка.
„Затоа“, рече Чавушоглу, „треба да се ценат добронамерните конструктивни предлози презентирани од властите на кипарските Турци и додаде: „Ние ќе продолжиме да ги браниме правата на Турската Република Северен Кипар и на кипарските Турци во секое време и под сите околности.“
Чавушоглу истакна дека Европската Унија (ЕУ) не може да се однесува како суд за поморските надлежности, кои се правно прашање, и дека во ниту една смисла нема да се потпираат на таканаречените мерки на ЕУ.
Во својот говор министерот Чавушоглу додаде:
„Кипар е наша национална кауза. Политичката еднаквост и безбедноста на кипарските Турци со кои сме обединети е неопходна. Врз оваа основа, ние не исклучуваме ниту еден модел на решение. Исто така не наметнуваме и некој модел за решение. Ние сме за преговори кои ќе имаат решение. Но нема корист од започнување процес само за да се преговара.“
Чавушоглу истакна дека сакаат да ја видат Грција како партнер за сите прашања во регионот.
„Нашата нација ќе го отвори своето срце за тие што ќе ја подадат пријателската рака. Дојдете заедно да работиме за просперитетот на нашите народи и за нашиот регион. Источниот Медитеран да се претвори во басен на мирот, просперитетот и соработката. Затоа, нашата порака до сите кои се заинтересирани за овој регион е единствена. Да соработуваме заедно, за да добијат сите“, нагласи Чавушоглу.
- „Без оглед на сè, Турција ќе продолжи да ја брани палестинската кауза“ -
Шефот на турската дипломатија при своето обраќање истакна дека главната цел на турската надворешна политика е создавање на одржлив мир и развој во својата околина, рече дека за тоа треба пред сè, да се стави крај на конфликтите.
Нагласувајќи дека проблемите на Блискиот Исток, кои доведоа до Арапска пролет, продолжуваат, Чавушоглу рече:
„Палестинско-израелскиот конфликт и безбедноста во Заливот поминува низ еден чувствителен период. Во период кога е најмногу потребно загрижување за регионот, тажно е тоа што земјите од регионот не се единствени и солидарни. Без оглед на сè, Турција ќе продолжи да ја брани палестинската кауза.“