Elvir Hociç
20 Мај 2018•Ажурирај: 20 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Турција за БиХ нема, ниту ќе има тајни агенди, освен благосостојба, целост и економски развој на БиХ, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган денес допатува во работна посета на БиХ, а на аеродромот го дочекаа претседавачот на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, неговата сопруга Себија Изетбеговиќ, претседавачот на Советот за министри на БиХ, Денис Звиздиќ и амбасадорот на Турција во Сараево, Халдун Коч.
По состанокот во зградата на Претседателството на БиХ, Изетбеговиќ и Ердоган одржаа заедничка прес-конференција на која турскиот претседател истакна дека разговарале за унапредување на билатералната соработка на сите полиња, вклучувајќи ја економијата, инфраструктурата, транспортот, земјоделството, индустријата, туризмот, културата и други сектори.
„Турција ќе продолжи да пружа поддршка на просперитетот и сигурноста на БиХ. Го поддржуваме просперитетот и целоста на БиХ, која се состои од два ентитета и регион“, порача Ердоган.
Потсетувајќи дека претседателските и парламентарните избори во Турција ќе бидат одржани на 24 јуни, а дека и во БиХ во октомври ќе бидат одржани општи избори, Ердоган изрази надеж дека изборните процеси ќе придонесат за зачувување и јакнење на мирот и просперитетот.
„Се надевам дека тие избори ќе бидат можност за јакнење на нашите односи, дека ќе протечат во мир и во согласност со демократските принципи“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател се осврна и на прашањето за измена на Изборниот закон во БиХ.
„Сметаме дека тоа е внатрешно прашање на оваа земја и дека ќе биде решено со дијалог и разбирање на страните во БиХ“, порача турскиот претседател.
Тој понатаму изјави дека билатералната трговска соработка бележи напредок и дека во тој контекст е важно да се потпише Договорот за слободна трговија.
„Сметам дека се малку квоти од 8 тони месо, ние можеме да го зголемиме на 15 тони и тоа ќе создаде нови работни места во БиХ“, изјави Ердоган.
„Ќе ја продолжиме и соработката на други полиња, а ќе ги поттикнеме нашите бизнисмени да вложуваат во проекти во БиХ и на Балканот. Посебна важност има проектот за Автопатот Белград - Сараево“, изјави Ердоган, и додаде дека е важно да се продолжи развивањето на регионални односи со Хрватска и Србија.
„Ќе продолжиме да работиме на активација на планот за членство на БиХ во НАТО и никогаш нема да ја оставиме сама БиХ на тој пат“, додаде Ердоган.
Турскиот претседател изрази надеж дека БиХ ќе продолжи успешно да чекори и на патот кон членството во Европската Унија, а како важен чекор го истакна февруарското предавање на прашалникот на Европската комисија.
Ердоган ѝ се заблагодари на Босна и Херцеговина за поддршката која ѝ ја пружи на Турција на 15 јули 2016 година, кога земјата се соочи со обидот за воен удар.
Турскиот претседател предупреди дека терористичката организација ФЕТО се обидува да опстане како октопод кој ги пружа своите пипала во сите пори на општеството.
„Вложуваме големи напори во борбата на тоа поле. Очекуваме со заеднички напори да се стави крај на постоењето на структурите на ФЕТО во БиХ. Во тој контекст сме подготвени на секаков вид соработка“, порача Ердоган.
Турскиот претседател во продолжение на посетата во Сараево ќе присуствува на 6. по ред Конгрес на Унијата на европско-турските демократи (УЕТД), кој ќе биде одржан во Олимписката сала „Хуан Антонио Самаранч“ во Сараево.