Турција

„Турција ќе ги зголеми своите активности во Источниот Медитеран“

„Доколку ЕУ преземе такви одлуки против Турција, ние ќе ги зголемиме активностите во Источниот Медитеран. Имаме три брода во тоа подрачје. Ќе го испратиме и четвртиот што е можно поскоро“, изјави Чавушоглу

Diyar Güldoğan  | 16.07.2019 - Обновена : 16.07.2019
„Турција ќе ги зголеми своите активности во Источниот Медитеран“ (Foto: Admir Fazlagic / Anadolu Agency )

АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денеска изјави дека Турција ќе ги зголеми своите активности во Источниот Медитеран и ќе го испрати 4. брод во тоа подрачје, јавува Anadolu Agency (AA).

Денес во Скопје се сретнаа турскиот министер за надворешни работи Мевлуш Чавушоглу и шефот на дипломатијата на Северна Македонија, Никола Димитров, по што двајцата министри одржаа заедничка прес-конференција.

„Доколку ЕУ преземе такви одлуки против Турција, ние ќе ги зголемиме активностите во Источниот Медитеран. Имаме три брода во тоа подрачје. Ќе го испратиме и четвртиот што е можно поскоро“, изјави Чавушоглу на прес-конференцијата во Северна Македонија.

Чавушоглу ја даде оваа изјава ден откако Советот за надворешни работи на ЕУ ги усвои одлуките за активностите на Турција за сондажа во Источниот Медитеран.

Советот за надворешни работи на ЕУ со вчерашната одлука ги суспендираше понатамошните преговори со Турција за Договорот за воздушен сообраќај, како и понатамошните состаноци за разговори на високо ниво меѓу ЕУ и Турција.

„Нема потреба да се сметаат за сериозни одлуките на ЕУ“, изјави Чавушоглу, додавајќи дека ЕУ знае оти нејзините одлуки против Турција не е возможно да се имплементираат.

Турција континуирано ја обвинува Администрацијата на кипарските Грци за едностраните сондажи во Источниот Медитеран, нагласувајќи дека кипарските Турци исто така имаат права на ресурсите во подрачјето.

Од оваа пролет Анкара во Источниот Медитеран испрати два брода за сондажа „Фатих“ и „Јавуз“, нагласувајќи ги правата на Турција и ТРСК врз ресурсите во регионот.

Турскиот брод за дупчење (сондажа) „Фатих“ започна со своите активности на 3 мај годинава во подрачјето на 75 километри (42 наутички милји) од западниот брег на кипарскиот остров. Активностите се целосно концентрирани на континенталниот гребен на Турција, според препораките на ОН и во рамките на дозволите што Турција ги додели на „Турски петролеум“ во текот на изминатите години.

Атина и кипарските Грци се спротивставија на овој потег, заканувајќи се со апсење на екипите на бродовите и ги повикаа лидерите на ЕУ да се приклучат на нивните критики.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.