Zehra Nur Düz,Merve Berker
15 Јуни 2022•Ажурирај: 16 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Туркије нема да го промени својот став за кандидатурите на Шведска и Финска за НАТО додека не преземат јасни, конкретни и одлучни чекори во нивната борба против тероризмот, порача денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Туркије нема да застане покрај Шведска [во нејзината кандидатура за НАТО] додека терористичките организации дејствуваат слободно на шведските улици и нема да ја остави крвта на „мачениците“ на тлото“, рече Ердоган на состанокот на парламентарната група на Партијата за правда и развој (АК).
Шведска и Финска официјално поднесоа барање за влез во НАТО на 18 мај, одлука поттикната од руската војна против Украина, која започна на 24 февруари.
Но Туркије, долгогодишна членка на Алијансата, изрази приговори за нивните кандидатури за членство, критикувајќи ги земјите дека толерираат, па дури и ги поддржуваат терористичките организации како што се ПКК и ФЕТО. За пристап во НАТО е потребно едногласно одобрение од сите 30 земји членки на Алијансата.
Кон крајот на мај, Туркије беше домаќин на консултации со шведските и финските делегации за нивните апликации за членство во НАТО во главниот град Анкара. Ердоган рече дека разговорите не биле „на посакуваното ниво“.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која е на листата на терористички организации во Туркије, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на над 40.000 луѓе, вклучувајќи жени, деца и доенчиња.
Заедно со нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живее во САД, ФЕТО го организира неуспешниот државен удар на 15 јули 2016 година во Турција, во кој загинаа 251 лице, а 2.734 беа повредени.
Терористичката организација ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.