Kasım İleri
17 Ноември 2016•Ажурирај: 17 Ноември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Турскиот пензиониран шеф на Генералштабот, Илкер Башбуг, вчера изјави дека Фетула Ѓулен без сомнение стои зад обидот за државен удар во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на панел-дискусијата организирана од Турската организација за наследство во Вашингтон, Башбуг изјави дека двете клучни прашања што ги погодиле турско-американските односи се екстрадирањето на Ѓулен, кој е обвинет за организирање на обидот за пуч и поддршката на САД на огранокот на ПКК во Сирија.
Според Башбуг, кој ја предводеше турската армија од 2008 до 2010 година, САД треба да имаат разбирање и да му помогнат во решавањето на националната безбедност на својот децениски партнер.
„Обидот за пуч беше организиран од следбениците на Ѓулен, кои беа инфилтрирани во турската армија“, изјави тој.
„Не треба да постои сомнеж дека тие добивале наредба за пучот директно од Ѓулен. Никој не треба да се двоуми во врска со тоа“, рече Башбуг.
Башбуг зборуваше и за изговорите на Владата на САД во врска со недостатокот на докази за Ѓулен, и рече дека некои пучисти од повисоките нивоа на хиерархијата во организацијата признале дека се поврзани со терористичкиот лидер Ѓулен.
Еден од тие лидери е Адил Оксуз, кој беше снимен на местото на обидот за државен удар во близина на Анкара, ноќта на 15 јули, рече тој.
Оксуз тврди дека патувал за САД, за да го посети Ѓулен неколку дена пред обидот за удар.
Запрашан дали разузнавачката служба на САД била свесна за обидот, Башбуг рече дека нема веројатност Американците да бидат фатени неподготвени.
„Да се имаат информации за нешто, тоа не значи дека разузнавачката агенција стои зад тоа“, додаде тој.
Башбуг исто така се осврна и на тензиите меѓу Анкара и Вашингтон во врска со Сирија.
„Соработката на САД со ПЈД во Сирија е краткорочна тактичка ситуација и тоа сигурно нема да биде во корист на долгорочните американски стратешки цели“, изјави тој.
На турската јавност не ѝ се допаѓа поддршката на САД за огранокот на ПКК во Сирија, ПЈД и неговото воено крило ЈПГ, и според Башбуг, САД го жртвуваат своето партнерство со Турција за краткорочна тактичка стратегија.
„Соработката со ПЈД нема само да го уништи пријателството на Турција и САД и долгорочните американски интереси, туку нема да помогне и со случајот на САД во Сирија“, додаде тој, нагласувајќи ја важноста на партнерството меѓу двете земји во Сирија.
Турција побара од САД да ја прекине поддршката на огранокот на ПКК во Сирија. Но Вашингтон ја искористи својата војна против ДЕАШ како причина за поддршката на ПЈД и ЈПГ.
Исто така, пензионираниот генерал посочи дека Турција не треба да ја изгради својата долгорочна политика за Сирија на умерените сириски опозициски групи, како што се Слободната сириска армија, но рече дека Анкара останала без опција, освен да ја користи сириската опозиција за да ја задржи својата национална безбедност.
„Турција во неколку наврати изнесе предлози до САД, како поставување зона за забранети летови и воспоставување безбедни зони“, изјави тој, додавајќи дека Анкара предложила дури и заеднички операции во Сирија.
Критикувајќи ја администрацијата на Барак Обама, за пасивноста во однос на сириската криза, Башбуг изјави дека се надева оти идната администрација на Доналд Трамп ќе стори нешто во врска со кризата.
Тој исто така рече дека Турција, САД, Иран и Русија се согласиле околу политичкиот и територијален интегритет на Сирија. Четирите земји треба да се здружат и да го направат планот за да се стави крај на сириската војна, која предизвика смрт кај повеќе од 400.000 лица и расели повеќе од 10 милиони.