АНКАРА (AA) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека неодамна потпишаниот турско-либиски меморандум за разбирање за разграничување на Средоземното Море во потполност е во согласност со меѓународното право, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу во изјава за турската телевизија „А Хабер“ како неосновани ги оцени критиките на Грција и уште некои земји кои се противат на турско-либискиот договор. Тој појасни дека Турција во согласност со меѓународното право потпиша Меморандум за разбирање со меѓународно признатата Влада на Либија. Појасни дека поради актуелната политичка криза, либиската Влада можеби не може да потпишува меѓудржавни договори, но дека секако може да потпишува меморандуми за разбирање.
Истакнувајќи дека се работи за договор за разграничување на морето, Чавушоглу рече дека Турција, во согласност со меѓународното право, е спремна да потпише слични договори и со другите земји на Средоземното Море, вклучувајќи ја и Грција, а не сметајќи го Јужен Кипар кој Анкара не го признава.
Тој, исто така, рече дека Грција и уште некои земји од регионот се обидуваат да ја изолираат Турција на Медитеранот, и додаде дека очекувано било Турција да направи чекор за да ги заштити правата што ѝ припаѓаат според меѓународното право.
„Турција во својот епиконтинентален појас ќе прави што сака, а приоритет ни е заштита на суверените национални интереси. Предвидени се слични истражувања и во Црното Море. Без наша дозвола во турскиот епиконтинентален појас никој не може да прави ништо, а ќе ги спречиме сите такви обиди“, порача Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија, Чавушоглу, го коментираше можното воведување американски санкции на Турција и порача дека членовите на Конгресот на Соединетите Американски Држави (САД) треба да сфатат дека со наметнување не можат да постигнат ништо.
Тој рече дека во случај САД да донесат некоја одлука за санкции на Турција, на дневен ред би можеле да се најдат и прашањата за Инџирлик и Куречик. Додаде дека не сака да ги прејудицира работите и дека Турција ќе заземе став во согласност со одлуките на американските власти.