Melike Kınacı
28 Декември 2017•Ажурирај: 29 Декември 2017
КОЊА (АА) - Познатиот актер кој ја игра улогата на ликот Полат Алемдар во познатата турска серија „Долина на Волците“, Неџати Шашмаз, истакна дека во новата серија „Долина на Волците Хаос“ ќе бидат вклучени настани од повеќе земји во светот, меѓу кои Мјанмар, Македонија, Авганистан и САД.
Шашмаз, во изјава за Anadolu Agency (AA) најави дека новата серија „Долина на Волците Хаос“ ќе започне во 2018 година.
„Го завршивме сценариото за серискиот филм. Се надеваме во февруари да започне да се емитува на телевизиите“, рече Шашмаз, потсетувајќи дека серискиот филм за првпат почнал да се емитува во 2003 година.
Шашмаз нагласи дека веќе 15 години се обидуваат во серискиот филм претежно да користат теми кои ја засегаат Турција и теми кои го привлекуваат вниманието на гледачите.
„Во 'Долина на Волците Хаос' ќе се разработува теоријата на хаос. Постои една идеологија која се нарекува владеење на хаосот. Целта на оваа идеологија е светот да се насочи кон хаос и да се владее преку него. Ние ќе се обидеме да раскажеме како може да се спасиме од владеењето на хаосот“, додаде Шашмаз.
„Нашата приказна ќе вклучува теми како на пример каде ќе биде Турција во променливата политичка и географска равенка, каде ќе бидеме и што ќе правиме. Од сега можам да ве известам дека на глобален аспект, ќе има приказни од Мјанмар па сѐ до Авганистан, Македонија, но и од Америка“, истакна познатиот турски актер.
Шашмаз истакна дека „Долината на Волците“ е серија којашто е многу гледана како во Турција, така и надвор од неа. Серијата е емитувана во околу 60-тина земји.