Tuğrul Çam
17 Јануари 2019•Ажурирај: 17 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакнувајќи дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, од почетокот на сириската криза досега, го актуализираше прашањето за безбедносната зона во Сирија, рече: „Важна е и за стабилноста во северниот дел на Сирија, важна е и за враќањето на Сиријците во Сирија, пред сѐ за нашите курдски браќа кои не можеа да се вратат во Сирија, исто така важна е и за бројни аспекти, вклучувајќи ја и борбата против тероризмот“, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу, по неговата средба со министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, во зградата на Министерството за надворешни работи на Турција во Анкара, одржа заедничка прес-конференција со неговиот македонски колега. Во врска со прашањето околу терористичкиот напад во Мунбич, Чавушоглу нагласи дека турското Министерство за надворешни работи силно го осудило тој напад.
„Ние, како една земја која претрпе многу од тероризмот, сме против секаков вид тероризам, и одлучни сме во борбата против терористичките организации“, додаде тој.
Чавушоглу рече дека се знае оти во тој напад загинале двајца безбедносни работници на САД, но според него, нема потврдени информации околу другите лица.
„Во оваа насока, САД, кога ќе ги соберат, ќе ги споделат со нас потребните информации. Ќе се открие кој стои зад тоа. Но ако постои барање за помош од Турција, ние сме подготвени да направиме сѐ што можеме“, истакна Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија нагласи дека тероризмот во Сирија постои од самиот почеток, и додаде: „Сметам дека терористичките организации не треба да влијаат врз нашата одлучност и нашите одлуки.“
„Пред сѐ, двајцата началници на генералштабовите разговарале околу тоа како можеме заедно да ја координираме одлуката на САД за повлекување од Сирија. Од друга страна, се осврнале и на теми во врска со одбраната и одбранбената индустрија меѓу двете земји“, истакна Чавушоглу во врска со прашањето околу средбата меѓу началниците на генералштабовите на турската и американската војска, Јашар Ѓулер и Џозеф Данфорд.
Според Чавушоглу, прашањето за безбедносната зона кое го спомнува претседателот на САД, Доналд Трамп, е едно прашање кое веќе од самиот почеток е актуализирано од страна на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„На средбите ќе се открие дали мислењето на Турција во врска со безбедносната зона се совпаѓа со мислењето на САД. Првата средба околу тоа беше реализирана вчера меѓу началникот на нашиот Генералштаб, Јашар, и началникот на Генералштабот на американската војска, Данфорд. Ќе продолжат разговорите со американската страна, меѓу нашите војници, меѓу нашите институции, и меѓу нас, министрите за надворешни работи. Оваа безбедносна зона која нашиот почитуван претседател ја брани од самиот почеток, важна е и за стабилноста во северниот дел на Сирија, важна е и за враќањето на Сиријците во Сирија, пред сѐ за нашите курдски браќа кои не можеа да се вратат во Сирија, исто така важна е и за бројни аспекти, вклучувајќи ја и борбата против тероризмот. Ние ќе продолжиме оваа тема да ја разговараме со САД“, нагласи Чавушоглу.