Sena Güler
08 Септември 2019•Ажурирај: 09 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Заедничките патроли на Турција и Соединетите Американски Држави (САД) ќе продолжат и во наредните денови според планот за воспоставување безбедносна зона во Сирија, соопшти денес турското Министерство за одбрана, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Копнените и воздушните патроли ќе продолжат и во наредните денови, со цел надгледување на активностите за воспоставување безбедносна зона со внимание и прецизност, за набљудување на практиките на терен и постапувањето согласно планот“, велат од Министерството во соопштението издадено по завршувањето на првата заедничка копнена патрола во Сирија.
Се додава дека заедничките напори се одвиваат без одложување, насочени кон уништување на терористичките засолништа, за собирање на нивното тешко вооружување, за обезбедување на неопходните услови за повлекување на терористите и за враќање на Сиријците во подрачјето.
Во текот на денешниот ден, воен персонал на Турција и САД ја завршија првата заедничка копнена патрола за воспоставување безбедносна зона источно од реката Еуфрат во Сирија.
Патролата беше поддржана од беспилотни летала и хеликоптери. На 7 август, турските и американските воени претставници се согласија да формираат безбедносна зона во северна Сирија и да формираат мировен коридор за да го олеснат движењето на раселените Сиријци кои сакаат да се вратат дома. Тие, исто така, се согласија да формираат и заеднички центар за операции.
Шестчлена американска делегација пристигна на југоистокот на Турција на 12 август во рамките на подготовките за центарот.
Договорот, исто така, предвидува имплементирање на неопходни безбедносни мерки во однос на безбедносната загриженост на Турција, вклучително и расчистување на подрачјето од терористичката ЈПГ/ПКК, организација со која САД беа сојузници, и покрај приговорите на Турција.
На 24, 29 август и 5 септември Турција и САД извршија и извидувачки летови во подрачјето.