Dejan Maksimovic
11 Мај 2020•Ажурирај: 13 Мај 2020
МАДРИД (АА) - Фудбалерите на Реал Мадрид денес, по два месеца, се вратија на тренинзите, но под строги здравствени правила со цел спречување на ширењето на новиот вид коронавирус, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Тимот се врати на терените за тренинг во Реал Мадрид Сити. Фудбалерите работеа од десет часот под водство на Зинедин Зидан и според строгите здравствени правила на протоколот на Професионалната фудбалска лига за пандемијата на Ковид-19. Поделени во две смени и на повеќе терени, фудбалерите на Реал Мадрид ги спроведоа првите индивидуални вежби со и без топка“, соопштено е од клубот на „кралевите“.
Во текот на денот од Професионалната фудбалска лига (LFP), под чија надлежност се првата и втората шпанска лига, објавија дека планираат сезоната да продолжи на 12 јуни. Претходно беше објавено дека за време на тестирањето во клубовите од првата и втората лига имало петмина позитивни на Ковид-19.
Минатата недела, по прекинот поради пандемијата на коронавирусот, многу шпански клубови ги продолжија своите тренинзи, меѓу кои и Барселона и Атлетико Мадрид.
Шпанската Ла Лига беше прекината на 12 март поради глобалната пандемија на Ковид-19, а се очекува дека би можела да продолжи на почетокот на јуни. Во моментот на прекинот на сезоната, по 27 одиграни кола, лидер на табелата беше Барселона со 58 бода, два повеќе од второпласираниот Реал Мадрид.