21 Мај 2019•Ажурирај: 22 Мај 2019
ВИЕНА (АА) - Трикратниот шампион во Формула 1, легендарниот возач Ники Лауда, почина во 70. година од животот. Лауда влезе во легендите откако две од своите три титули ги освои по страотната несреќа во која се здоби со сериозни изгореници по телото, пренесува Anadolu Agency (AA).
Австриските медиуми го пренесоа известувањето на семејството на Лауда дека тој мирно починал вчера.
„Почина Ники Лауда. Морам да ја потврдам оваа тажна вест“, изјави денес лекарот Волтер Клепетко, кој минатата година на Лауда му изврши трансплантација на бели дробови.
Лауда во два наврати беше подложен на трансплантација на бубрег. Во 1997 година бубрег му донираше неговиот брат, а вториот пат неговата девојка во 2005 година. Во август минатата година во Општата болница во Виена направена му е трансплантација на бели дробови, која била неопходна поради сериозно заболување на белите дробови.
Ники Лауда е роден на 22 февруари 1949 година во Виена. Возеше во шампионатот на Формула 1 во два периода, од 1971 до 1979 и од 1982 до 1985 година. Титулата светски шампион ја освои во 1975, 1977 и 1984 година. На 1 август 1976 година, во трката за Големата награда на Германија, на патеката Нурбургринг доживеа тешка несреќа.