Dejan Maksimoviç
04 Септември 2018•Ажурирај: 05 Септември 2018
ЊУЈОРК (АА) - Австралискиот тенисер Џон Милман го приреди најголемото изненадување на овогодишниот турнир Гренд слем „УС Опен“ (US Open). Со сензационална игра во четвртото коло го совлада 37-годишниот Роџер Федерер, со резултат 3:1 (3:6, 7:5, 7:6, 7:6), пренесува Anadolu Agency (AA).
Натпреварот кој траеше 3 часа и 35 минути, Федерер го започна во свој стил. Го освои првиот сервис на противникот и за кусо време поведе со 2:0 во гемови. Федерер првиот сет на рутински начин го доведе до крај и го доби со 6:3. Но во продолжение, Милман веројатно го одигра најдобриот тенис во својата кариера. Прво, во исклучително возбудлив втор сет направи пресврт. Федерер направи брејк и да поведе со 4:2 во гемови, но при резултат 5:4 не успеа да реализира две сет-топки, по што Милман со брејк изедначи на 5:5. Но тоа не беше крај. Милман успеа да го освои својот сервис за 6:5, по што освои уште еден брејк за 7:5, освојувајќи го вториот за изедначување на резултатот на 1:1 во сетови. Третиот и четвртиот сет изобилуваа со извонредни потези и возбудувања, а двата сета австралискиот тенисер успеа да ги освои во тај-брејк.
„Беше многу топло. Тоа беше една од оние вечери кога не можев да вдишам воздух. Цело време се борев со условите за игра, за првпат да ми се случи нешто такво. Само се потиш и губиш енергија. Во еден момент бев среќен што мечот е завршен“, рече Федерер, по поразот од 55. играч на АТП-листата.
Милман со победата и пласманот во четвртфиналето на „УС Опен“ го оствари својот најголем успех во кариерата. За пласман во полуфиналето, ќе се бори уште против еден од великаните на светскиот тенис, Србинот Новак Ѓоковиќ.