Ekip
03 Ноември 2018•Ажурирај: 04 Ноември 2018
СИДНЕЈ (АА) - Најдобриот светски спринтер на сите времиња, Усеин Болт, не се откажува од ангажманот во професионалниот фудбал, иако во петокот го напушти фудбалскиот клуб „Централ Кост Маринерс“ бидејќи не успеаја да се разберат околу вредноста на договорот, јавува Anadolu Agency (AA).
Болт во Централ Кост Маринерс помина 8 недели на проба. Спринтерот од Јамајка му се приклучи на австралискиот фудбалски клуб во август, со намера да се избори за првиот професионален договор во фудбалската кариера, на која се ориентираше по завршувањето на атлетската во 2017 година. Маринерс беа задоволни од подготовките, но во петокот соопштија дека не е пронајдено адекватно „комерцијално решение“ за да остане Болт во клубот.
Според наводите, Маринерс на Болт му понудиле договор вреден 150.000 долари (околу 131.000 евра), што тој го одбил, надевајќи се дека клубот ќе пронајде спонзори кои се подготвени да платат 3 милиони долари (околу 2,64 милиони евра).
Професионалниот ангажман на Болт претходно не му успеа во Германија, Норвешка и Јужна Африка, но тој вели дека не се откажува од намерата професионално да се занимава со фудбал.
„Ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека луѓето продолжуваат да го контактираат мојот агент, па ќе видиме во кој правец ќе се движи ситуацијата. Жал ми е што не успеа со Маринерс, но добро се сложувавме, а тоа е важно. Имав извонредно искуство со нив. Момците беа одлични. Единствено не можевме да се разбереме околу договорот. Се надевам дека ќе добијам нова шанса во друг клуб“, рече 32-годишниот Болд за австралиските медиуми.
Болд и понатаму ги држи светските рекорди на 100 метри (9,58 секунди) и на 200 метри (19,19 секунди). Во текот на феноменалната атлетска кариера Болт освои дури 8 златни олимписки медали и 11 најсјајни одличја на светските првенства.