Admir Fazlagikj
27 Јули 2017•Ажурирај: 28 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во пресрет на Суперкупот на УЕФА 2017, на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје, покрај подготвеното информативно видео и бројните активности што се планирани за навивачите на двата фудбалски клуба, скопското Кале свети во официјалните бои на Суперкупот на УЕФА, јавува Anadolu Agency (AA).
Скопското кале, кое е историски симбол на главниот град на Република Македонија, отсекогаш привлекувало внимание како важно и препознатливо историско здание, а овие денови по повод одржувањето на Суперкупот во Скопје, Калето светна во официјалните бои на УЕФА Суперкупот, со што предизвикува внимание кај бројните туристи што го посетуваат главниот град.
Со веќе поставените билборди и знамиња, градот дополнително ќе биде разубавен и со својот нов изглед се очекува тој да ги надмине очекувањата на сите за претстојната еуфорична атмосфера за време на натпреварот.
Исто така, град Скопје ја организира „неутралната фан-зона“ која ќе биде лоцирана на плоштадот „Македонија“. Во оваа зона ќе се организираат голем дел од предвидените активности и ќе биде овозможена богата музичка програма со познати изведувачи и диџеи. За оваа зона покажаа интерес четири од осумте официјални партнери на УЕФА, интерес кој досега се нема случено на друг Суперкуп. На 7 и 8 август, активностите и музичката програма ќе започнат во 11 часот и ќе траат сè до 19 часот.
Потсетуваме, Скопје на осми август ќе биде домаќин на двете најдобри европски екипи, победници во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа од минатата сезона, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. Натпреварот ќе се одигра на националната арена „Филип Втори“, чиј капацитет е 34.000 седишта.